Генералот Дејвид Петреус вели дека воените сили самите, нема да можат да стават крај на насилството во Ирак.
За време на првата прес-конференција во Багдад откако е на функцијата, Петреус истакна дека e потребна воена акција за да се помогне во подобрување на безбедноста во Ирак, но оти тоа не е решение за прекин на крвопролевањето.
Тој ја истакна потребата од политички аспект по прашањето и оти во разговорите на крајот можно е да треба да се вклучат и одредени милитантни групи.
Во меѓувреме, влијателни демократи во американскиот Претставнички дом работат на изработка на предлог со кој би се побарало повлекување на американските трупи од Ирак до крајот на 2008 година.
Планот што денеска беше претставен пред законодавците од Демократската партија, поставува рок за заминување на американските војници доколку ирачката влада не исполни одредени цели вклучувајќи гарантирана безбедност за својот народ и креирање план за споделување на приходите од нафтата.
Демократските лидери планираат мерката да ја додадат на постоечкиот предлог-закон што повикува на обезбедување на 100 милијарди долари за армиски операции во Ирак и Авганистан.