Во редовниот годишен извештај за човековите права што Стејт департментот го изработува по барање на Конгресот и што е поделен по земји, во делот за Македонија стои дека земјата е парламентарна демократија, како и дека парламентарните избори одржани во јули минатата година главно ги задоволиле меѓународните стандарди, но дека во кампањата и на денот на гласањето имало изолирани инциденти на насилство и неправилности.
Цивилната власт одржува ефективна контрола врз силите за безбедност, вели Стејт департментот. Македонската влада генерално ги почитува човековите права на своите граѓани, но наведува дека има проблеми во одделни области. Така, се вели во извештајот, полициското малтерирање на осомничените и натаму е проблем, како и дека има наводи за полициско вознемирување на етнички малцинства, конкретно припадници на ромската заедница. Владата или полицијата не извршиле никакво политички мотивирано убиство, но сепак, безбедносните сили наводно предизвикале смрт на ромскиот младич Трајан Беќиров, осомничен за кражба, се наведува во извештајот.
„Корупцијата и политичкиот притисок во министерствата за внатрешни работи и правда, судовите и канцеларијата на јавниот обвинител ја попречиле истрагата на одделни наводи за кршење на човековите права и изведување на обвинетите пред суд“, тврди Стејт департментот.
Македонија, според извештајот, и натаму е транзитна точка и крајна дестинација во трговијата со луѓе. Лоша вест е и општествената дискриминација на етничките мaлцинства, особено ромското. Има и добри вести – Стејт депрартментот во резимето за Македонија бележи мало севкупно подобрување во ситуацијата со човековите права во споредба со 2005-та, меѓу што се наведува подобрената внатрешна контрола и професионализмот во силите за безбедност и пад во превалентоста на меѓуетничката дискриминација.
Затворските услови едвај ги исполнуваат меѓународните стандарди, но владата дозволува посети од меѓународни организации за човекови права.
Во извештајот на Стејт департментот фактографски се споменува и случајот со Зоран Вранишковски и причините за неговата казна затвор.
Општо во светот, геноцидот во суданскиот регион Дарфур, секташкото насилство и тероризмот во Ирак, бунтовништвото во Авганистан, централизацијата на власта и ограничувањето на медиумите во Русија и затворањето на политички и верски актиисти и новинари во Кина се меѓу главните забелешки за кршењето на човековите права во светот во 2006-та, наведени во редовниот годишен извештај на Стејт департментот. Има и подобрувања – како на пример во во односот на властите кон луѓето во Либерија, Мароко и Украина, тврди американската влада.