Линкови за пристапност

САД со Иран и Сирија ќе учествува на состанок за Ирак


Стејт департментот вчера најави дека американските дипломати ќе учествуваат заедно со претставници на Иран и Сирија, меѓу другите, на средба во Багдад следниот месец, на која ќе се разговара за ирачката безбедност. Средби на кои заедно се присутни американски и ирански дипломати не се чести, но не се ни без преседан.


Стејт департментот потврди дека САД ќе учествуваат на безбедносната средба свикана од ирачката влада, и официјални претставници не ја отфрлаат можноста барем за неформални разговори меѓу американски делегати и ирански и сириски дипломати, кои исто така се очекува да присуствуваат.


Ирачкиот министер за надворешни работи Хошјар Забари вели дека средбата, што треба да се одржи кон средината на март, ќе биде можност за големите сили и регионалните играчи, вклучувајќи ги Иран и Сирија – кои имаа проблеми во минатото во врска со Ирак, да ги надминат разликите.


Ирак во почетокот планираше да ги повика само претставниците на земјите кои се граничат со Ирак и други клучни муслимански држави, но подоцна реши да ги покани и амбасадорите на петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН.

Портпаролот на Стејт департментот Шон мек Кормак, кажа дека САД ќе ги претставува амбасадорот во Ирак на заминување, Залмај Калилзад, или пак неговиот наследник Рајан Крокер, доколку во меѓувреме дојде на негово место. Тој исто така рече дека постои можност да присуствува и специјалниот советник на државниот секретар Кондолиза Рајс за Ирак, Дејвид Сатерфилд.

Мек Кормак оцени дека тоа ќе биде можност за сите кои ќе бидат на состанокот да искажат „позитивна визија“ за Ирак и да одиграат одговорна уога во иднината на таа држава.

Под притисок на новинарите, МекКормак не отфрли дискусии еден-на-еден во таа прилика, меѓу американски и ирански или сириски претставници:


- Планираме да бидеме на средбата. Иран, Сирија и другите исто така планираат да бидат таму. Во овој момент не сакам да прогнозирам никаква насока во која дискусиите би можеле да се движат, ниту пак да зборувам за интеракциите што може да се случат. Би очекувал нашите претставници во дискусиите да бидат професионални во нивните интеракции со сите нивни партнери во разговорите.

САД ја обвинија Сирија за пропуштање странски борци преку границата со Ирак, а американските армиски претставници неодамна објавија, како што велат самите, докази дека оружје направено во Иран било шверцувано во Ирак. И двете држави ги негираат обвиненијата.

САД немаат дипломатски односи со Иран речиси три децении, иако дипломати од двете земји повремено земаат учество на меѓународни средби, вклучувајќи ги конференциите за Авганистан последниве години.

И покрај тензиите, САД и Сирија и натаму имаат дипломатски односи. Секретарот Рајс неодамна авторизираше американски дипломати да ја ангажираат владата во Дамаск по прашањето на Ирачаните кои во голем број заминаа како бегалци во Сирија, Јордан и други држави во регионот.

Двопартиската студија за Ирак, изработена од комисијата Бејкер-Хамилтон, неодамна препорача администрацијата на Буш директно да ги ангажира Иран и Сирија по прашањето за Ирак - идеја за која администрацијата не покажа голем интерес.

XS
SM
MD
LG