Линкови за пристапност

Хаг ја ослободи Србија од директна одговорност за геноцид во Босна


Изложувајќи ја пресудата, судијата Розалин Хигинс, која преседава со Меѓународниот суд на правдата, кажа дека силите на Босанските срби биле одговорни за она што стана познато како најголемо злосторство во Европа од Втората светска војна, наваму.

Околу осум илјади муслимански мажи и момчиња биле масакрирани во и околу Сребреница во јули 1995 кога силите на Босанските срби го преземале градот. Сепак, иако ги опиша овие убиства како геноцид, судијата Хигинс кажа дека нема доказ оти Србија директно била инволвирана во инцидентите.


- Не е докажано дека овие масакри се извршени по инструкции или според упатства на органи на државата, ниту дека таа држава ефективно ги контролирала операциите.

Но судијата тврдеше дека српската влада можела да стори повеќе да го спречи геноцидот. Судската одлука вели дека Србија "ја прекршила својата обврска за спречување на геноцидот во Сребреница, која произлегува од Конвенцијата за геноцид", со тоа што не го употребила своето влијание во регионот.

Според судот, Србија не ја испочитувала Конвенцијата со тоа што не соработувала со Меѓународниот трибунал за поранешна Југославија.

Одлуката не се очекува да ги олесни тензиите во регионот. Политичкиот аналитичар Џејкоб Финчи за телевизијата Евроњуз кажа дека верува оти случајот ќе произведе повеќе поделби и проблеми во рамки на Босна и Херцеговина.

- Се плашам дека нема да има позитивни последици, не само заради незадоволството на една од страните, туку и заради внатрешните тензии во Босна и Херцеговина.

Пресудата дојде како удар за Босна, која нема да може да бара исплата на милијарди долари во надомест од Србија, средства на кои очајнички се надеваше за обнова на државата.

XS
SM
MD
LG