Линкови за пристапност

САД изразија разочараност по иранското непочитување на резолуцијата на ОН за нивната нуклеарна програма


Потврдувањето на шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија Мохамед Ел Барадеи дека Иран не го испочитувал рокот, не беше изненадување за администрацијата на претседателот Буш, која веќе неколку дена се консултира со сојузниците за евентуални нови санкции спрема земјата.

Белата куќа изрази разочараност дека Иран одбил го прекине процесот на збогатување на ураниум, додека заменик-портпаролот на Стејт департментот Том Кејси изјави дека е штета што иранските лидери продолжуваат да им пркосат на интересите на сопствениот народ, заземајќи, како што рече, негативен правец во процесот на решавање на овој проблем.

- Ова е пропуштена можност за иранската влада и за народот. Мислам дека е мошне јасно дека иранскиот народ сака да биде вклучен и ангажиран со остатокот на светот не сака да има бариери во учеството на земјата - економски, политички и какви било други. Политиката што ја спроведува оваа влада е оддалечување од таа цел и од интеграција во меѓународната заедница.

Извештајот на Агенцијата доаѓа на крајот од 60-дневниот период, поставен од Советот за безбедност на ОН за Иран да ги запре активностите на збогатување на ураниум за да не се соочи со дополнителни санкции, покрај оние кои сега се насочени кон државните нуклеарни и програми за проектили, како и кон некои поединци кои се инволвирани во нив.

Портпаролот Кејси и државниот секретар Кондолиза Рајс дискутираа за евентуални дополнителни санкции со нејзините европски колеги во Берлин, додека државниот потсекретар Николас Брнс беше во контакт со колеги од земјите постојани членки на Советот за безбедност плус Германија.

Групата 5 плус 1 минатата година му понуди на Иран различни иницијативи вклучувајќи и помош за цивилните програмите за нуклеарна енергија, доколку се откажат од процесот на збогатување на ураниум за што се верува дека служи за изработка на оружје. Портпаролот Кејси рече дека понудата останува да важи, но дека со Иран треба да се разговара и за други прашања што не се во доменот на нуклеарната енергија.

- САД никогаш не се кажале ниту се обиделе, да го спречат Иран во поседување на цивилини програми за нуклеарна енергија. Но, сите во меѓународната заедница сме убедени дека Иран има други намери, како и оти земјата треба да ја увери меѓународната заедница дека не ја користи програмата како покритие за производство на нуклеарно оружје.

Администрацијата на Буш воведе сопствени санкции врз бројни ирански банки за кои се верува дека се поврзани со нуклеарните програми и упати повик со европските и азиските сојузници да го сторат истото.

XS
SM
MD
LG