Линкови за пристапност

Обуката во ФБИ има цел стекнување контакти и помош во кариерата


Во националната академија на ФБИ се одржува обука за припадници на полицијата од повеќе од 150 држави. Студентите учат за начинот на однесување на терен, преговарачки вештини, но и за унапредување на пристапот за добивање важни информации од приведените. Меѓу партиципиентите е и Златко Дукоски од Македонија. Репортажа од базата Квантико на Јане Бојаџиевски.

28 годишниот Златко Дукоски е инспектор во МВР во одделот за крвни деликти. Тренингот во ФБИ трае 10 седмици:

„За време на тренингот се и задачи на извршување. Имаме и размена на знаења и доусовршувањето на техниките - како работат Американците, а како ние, го споредуваме тоа, и го користиме за унапредувањето на нашите методи на дејствување.“

Тој вели дека има многу да се научи за методологијата што ја користат во ФБИ и оти е добро искуство за секој припадник на МВР.

Часовите се организирани секој работен ден од 8 до 5 часот. Паузата за ручек е еден час. Инспекторот Дукоски истакна дека за време на тренингот, секој ученик има по една ноќна смена со дежурен полицаец со автомобил во областа на Балтимор, од каде црпи нови знаења и прави споредба со предизвиците со кои се соочува во Македонија.

Најдобар пријател на Златко е Роб Елдер, инспектор во бирото за забрането оружје, алкохол и цигари од Хјустон, Тексас. Зборува за користа за секој што ќе ја мине обуката во ФБИ:

„ . Ако некогаш „заглавиш’ на некој случај и потребна ти е помош, имаш од кого да побараш и да се јавиш, независно дали си на задача во САД и во странство, на пример Македонија.“

Тренингот во базата Квантико, кој почна на 7-ми јануари, завршува на 16-ти март.

Инспекторот Дукоски се надева дека со стекнатите знаења и вештини, можеби ќе придонесе за фаќање на најбараните 10 бегалци според листата на ФБИ.

Од осамостојувањето на Македонија до денес, Златко Дукоски е првиот Македонец од министерството за внатрешни работи на обука во ФБИ. Се надева дека ќе продолжи да соработува со своите колеги, и пријателствата и контактите ќе може да ги искористи во својот професионален живот.

XS
SM
MD
LG