Ву Давеи, кинескиот пратеник на шестраните разговори во Пекинг, на кои уште учествуваат Северна Кореја, Јужна Кореја, САД, Русија и Јапонија, кажа дека според спогодбата, официјален Пјонгјанг е обврзан да го затвори главниот нуклеарен комплекс во местото Јонгбјон, и да го направи достапен за меѓународните инспектори. Северна Кореја истовремено мора да го пријави целиот нуклеарен материјал во своја сопственост. Во замена, земјата ќе добие 50.000 тони тешко гориво и дополнителни 950.000 тони нафта, штом ќе преземе чекори за трајно затворање на нуклеарните објекти.
- Oва секако не е крај на процесот, туку само почеток, но мислам дека сите сме охрабрени од него, рече главниот американски преговарач, помошникот-државен скретар Кристофер Хил по средбата во Пекинг.
Во Вашингтон, aмериканскиот државен секретар Кондолиза Рајс во разговор со новинарите го отфрли тврдењето на поранешниот американски амбасадор во ОН Џон Болтон - сега конзервативен коментатор - дека договорот ја наградува Северна Кореја со големи количества нафта за само делумно растурање на нуклеарната програма.
- Се работи за сузпензија на нивните активности во рок од 60 дена, потоа формирање на работни групи, и, на крај, итна помош. Но мислам дека потоа сите ќе бидеме сведоци на онеспособување на нивната програма, бидејќи тоа е она што не засега. Онеспособувањето е поинаков чекор од супензија.
Рајс ја отфрли и сугестијата дека спогодбата може да го охрабри Иран да продолжи со својата нуклеарна програма, во надеж дека би можел со условување да извлече некакви поволности од меѓународната заедница.
- Зошто на ова да не се гледа како на порака до Иран дека меѓународната заедница е способна да ги здружи ресурсите – особено кога земјите кои се регионално погодени од проблемот работат заеднички на него – и дека интензивната дипломатија и кохезијата на пет земји на шестраните разговори на крајот даде резултат. Јас мислам дека тоа е пораката.