Линкови за пристапност

САД очекуваат Иран од зборови да прејде на дела


Белата куќа останува на своето тврдење дека има докази за поврзаност на Иран со експлозивните направи што се користат во Ирак, но дека САД немаат намера да предизвикаат конфликт. Прилог на Пола Волфсон од Гласот на Америка.

Портпаролот на белата куќа Тони Сноу вели дека постојат цврсти докази дека -

...дел од оружјето доаѓа надвор од Ирак и се користи за убивање на Американци.

Виши армиски лица, кои побараа да останат анонимни, вчера на брифинг во Багдад зад затворени врати понудија докази дека против американските сили биле користени експлозивни направи од иранско производство. Од 2004-та – наваму, од вакви патни направи загинале најмалку 170 припадници на коалиционите сили.

Сноу кажа дека доказите само ја подвлекуваат претходното искажаната загриженост од страна на претседателот Буш дека Иран можеби се обидува да предизвика насилство во Ирак. САД ги објавуваат доказите бидејќи се решени да ги заштитат своите сили, а не за да оправдаат некаква воена акција против Иран, категоричен е портпаролот.

Не знак како може да бидеме појасни. Не се подготвуваме за војна во Иран, туку само ги заштитуваме нашите луѓе. Ќе го чиниме тоа и имаме кажано дека тоа ни е приоритет.

Сноу посочува дека армиските истражители нашле сериски броеви на употребените средства што индицираат дека се од иранско производство, на пример на патни бомби што продираат низ блиндирани возила.

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад беше запрашан за истото во интервјуто за ТВ-мрежата Еј-Би-Си. Тој смета дека САД се обидуваат да ја префрлат кривицата за недостатокот на безбедност во Ирак, додавајќи дека ќе има мир само кога американските сили ќе заминат.

Ние се воздржуваме од секаков конфликт и крвопролевање, и тоа би го примиле со жалење. Против сме каков и да е конфликт и повеќепати имаме кажано дека мислиме оти проблемот може да се реши низ дијалог, употреба на логика и смисла за пријателство. Нема потреба да се користи сила.

Портпаролот на Белата куќа на тоа коментираше:

Иран на чуден начин покажува желба за мир. Доколку Иранците сакаат да промовираат мир, треба да запрат да го финансираат Хезболах, треба да запрат да ги финансираат терористичките организации ширум светот.

Сноу додаде и дека САД би сакале Иран да биде фактор на мирот во регионот, и дека очекуваат иранскиот претседател во таа смисла од зборови да прејде на дела.

XS
SM
MD
LG