Линкови за пристапност

Сенатот го потврди Џорџ Кејси на функцијата началник на Генералштабот на армијата на САД


Сенатот гласаше со 83 гласови „за“ и 14 „против“ за потврдување на Џорџ Кејси. Десетмина републиканци не се согласуваа со одлуката.

Во своевидна иронија во расправата што водеше кон гласањето, некои членови од демократското мнозинство кои го критикуваа начинот на кој администрацијата на Буш се справува со војната во Ирак, изразија поддршка за Кејси, додека некои републиканци кои беа цврсти поддржувачи на војната, се изјаснија против номинацијата.

Претседателот на сенатската комисија за вооружени сили, демократот Карл Левин од Мичиген, ја поздрави номинацијата на генералот со четири ѕвезди, кој беше командант на колиционите сили предводени од САД, од јуни 2004-та.

- Генералот Кејси го знае Ирак. Ги знае предизвиците со кои армијата се соочува таму. Го познава и Пентагон и предизвиците пред кои ќе биде исправен. Генералот Кејси има знаење во извршување на основните должности како шеф на генералштабот, што се состои од обука и екипирање на војниците и грижа за нив и нивните семејства.“

Иако изрази поддршка за Кејси, сенаторот Левин јасно стави на знаење дека и натаму е против одлуката на претседателот Буш за испраќање дополнителни трупи во Ирак.

Но, сенаторот Џон МекКејн, републиканец од Аризона и главен поддржувач на новата стратегија на претседателот за Ирак, остро се спротистави на номинирањето на Кејси, истакнувајќи дека генералот имал погрешна проценка за стабилизирање на Ирак и оти бил преголем оптимист за ситуцијата во земјата.

- И порано барав, а и сега, да се преиспитаат многу одлуки и проценки што генералот Кејси ги направил во изминатите две и пол години. Тоа е периодот кога ситуацијата во Ирак нагло се влоши. Таа сега може да се опише како страшна и која продолжува да се влошува.

Но, Левин рече генералот Кејси само ги имплементирал одлуките од високи цивилни лица од администрацијата на Буш, вклучувајќи го и самиот претседател и не треба да се смета за одговорен за нивната неуспешна политика во Ирак.

Висок републиканец од сенатската комисија за вооружени сили, сенаторот Џон Ворнер од Вирџинија, кој исто така се противи на новата стратегија за Ирак, се согласува со Левин. Тој подвлече дека зад грешките кои ги направил генералот Кејси стојат планерите на војната.

- Тој призна дека се грешело. Мислам дека прифати ниво на одговорност од аспект на воен офицер. Но, навистина, се работи за одлуки на цивилите над него кои правеле грешки и тие треба да се сметаат за одговорни.

Кејси доаѓа на местото на пензионираниот генерал Питер Шумејкер како шеф на генералштабот на армијата.

Дејвид Петреус, пак го замени Кејси на функцијата главен командант на американската армија во Ирак.

XS
SM
MD
LG