Линкови за пристапност

Навраќањето кон Александар Велики не е најсигурниот пат за Македонија да обезбеди учество во ЕУ и НАТО


Грчкиот амбасадор во Вашингтон Александрос Маљас во Институтот Хадсон говореше за иднината на Југоисточна Европа и очекувањата од финалниот статус на Косово. Според него, Косово и Србија не се дел од Балканот, туку од Европа и Унијата треба да им обезбеди перспектива. Маљас за Гласот на Америка го коментираше и за преименувањето на скопскиот аеродром во Александар Велики.

Амбасадорот Маљас рече дека спроти објавувањето на предлогот на Марти Ахтисари за конечното решение на Косово, потребно е да се обезбеди консензус, но со претходен компромис од обете страни. Според него, тоа не е ново во меѓународната политика.

Незадоволството од исходот може да резултира со нови бегалци, немири, нестабилност, со што ЕУ треба да ја промовира, како што ја нарече, “новата голема идеја за обединета Европа“.

Првиот дипломат на Атина во САД рече дека конечниот статус на Косово не смее да создаде нова генерација победници и губитници, кои ќе го држат регионот во заложништво.

На прашањето дали Грција ќе стави вето на евентуалното членство на Македонија во ЕУ и НАТО, независно од исходот на разговорите за разликите околу името, Маљас одговори:

Погледнете како лидерите на Бугарија и Романија ја водеа земјата и станаа полноправни членки на ЕУ и НАТО за 10 години. Тоа е начинот што треба да се следи. Не мислам дека навраќањето кон Александар Велики е најсигурниот пат да се обезбеди учество во ЕУ и НАТО.

Која е добитната комбинација и за Македонија и за Грција? Грчкиот амбасадор за Гласот на Америка вели:

- Жал ми е што вашата влада не пронајде личност меѓу Александар Велики и премиерот Груевски кој ќе го носи името на меѓународниот аеродром Петровец. На пример зошто не, Киро Глигоров или некој друг? Зошто вашата влада смета дека давањето на име на претставник од вашата земја како што е денес нема да овозможи странски инвестиции и трговија. На крајот, единствени туристи во вашата земја се Грците. А за нив, Александар Македонски е познато име.

Тој потсети дека во времето кога бил шеф на Канцеларијата за врски на Република Грција во Македонија, во 1995-та, веднаш по потпишувањето на Привремената спогодба, инвестициите во Македонија изнесувале само 3 милиони долари. Маљас рече дека денеска тие изнесуваат една милијарда долари.

Најдобар начин за решавањето на проблемот со името е да се земат предвид предлозите од медијаторот Мејту Нимиц од март 2005-та, како добра основа за преговори, смета Маљас.

Грчкиот амбасадор Маљас не сакаше да коментира за пишувањата дека е можно Атина да побара ревидирање на Привремената спогодба.

XS
SM
MD
LG