Линкови за пристапност

Според новиот командант на САД во Ирак - ситуацијата е тешка, но не безнадежна


Генералот Питраус пред сенатската комисија за вооружени сили истакна дека планот предвидува враќање на редот во Багдад и давање на ирачката влада можност да воспостави своја управа и да обезбеди економски развој. Но, тој рече дека за успех ќе треба многу повеќе од дополнителни трупи кои претседателот ги испраќа во Ирак и прераспоредување на ирачките сили од другите делови на земјата, во Багдад. Генералот рече и дека ќе бидат потребни и големи политички одлуки од страна на ирачките лидери. Командантот на американските трупи во Ирак додаде дека ситуацијата во Ирак е тешка, но не безнадежна.

- Напредокот нема да биде ниту брз, ниту лесно да се постигне и несомнено ќе престојат тешки денови. Се соочуваме со решителен, прилагодлив и варварски непријател. Тој ќе сака да не истисне. Всушност целиот процес е тест на волја и притоа нема гаранции.

Генералот кажа и дека најверојатно ќе треба да поминат неколку месеци или кон крајот на летотото за да се увидат резултати од безбедносниот план за Багдад, иако одредени показатели ќе има и порано.

Сенаторот Едвард Кенеди од Демократската партија, кој воедно е силен критичар на новиот ирачки план, го праша генералот Питраус колку долго дополнителените 21.000 американски трупи ќе бидат потребни во Ирак.

Кенеди: Дали ова ќе биде за постојано, дали ќе биде привремено, има ли некој временски рок?

Питраус: Господине, во моментов не постои прецизен рок.

Кенеди: Значи, во моментов, треба да претпоставиме дека тие ќе останат таму, додека не чуеме дополнително од вас?

Питраус: Да, господине, тие ќе останат се додека се потребни за таа конкретна мисија.

Сепак, сенаторот Кенеди и останатите критичари на планот за Ирак велат дека ја поддржуваат номинацијата на генералот Питраус и обидот за подобрување на ситуацијата во оваа земја. Сенатот треба да го потврди неговото назначување пред тој да замине за Ирак.

XS
SM
MD
LG