Најмалку 25 лица загинаа во вториот последовател ден на насилство во Ирак. Во серијата напади во вторникот животот го загубија преку 100 лица.
Сирени можеа да се чујат во Киркук, на север во Ирак каде во напад со камион-бомба загинале најмалку 8, а повредени се околу 40 лица.
Во Багдад од бомбашки напад во шиитска област животот го загубиле 15, а биле повредени преку 30 лица.
Американската непрофитна организација Национален демократски институт јави дека вчера во заседа во Багдад загинале еден нејзин американски претставник и три други лица – Ирачанец, Хрват и Унгарец, кои работеле како обезбедување. Напаѓачите засега се непознати.
Во вторникот, насилството во и околу Багдад однесе вкупно преку 100 човечки животи. Во два бомбашки напада близу универзитет во ирачкиот главен град, загинаа 70, а имаше преку стотина повредени.
Интензивираното насилство можеби се должи на намерата на сунитските бунтовници да причинат што поголема штета пред распоредувањето на дополнителни, над 21.000 американски војници во Ирак. Поголем дел од новите сили ќе бидат ангажирани како засилување на ирачката армија во напорите да ги елиминира сунитските и шиитските бунтовници од Багдад.
Некои критичари на планот на претседателот Буш за нови сили велат дека ќе биде тешко тој да се реализира, бидејќи членовите на секташки паравоени групи се инфилтрирани во некои ирачки полициски и армиски единици. Припадници на американската армија се сепак оптимисти и наведуваат дека обуката на ирачките безбедносни служби само ќе помогне во сопирање на насилството во земјата.
Според неодамна објавените податоци на ОН, минатата година од секташко насилство дневно просечно гинеле по околу 100 Ирачани.