Линкови за пристапност

Според најновиот Индекс на економска слобода во светот, Македонија на 71-то место


Според најновиот Индекс на економска слобода во светот, што го изработува фондацијата Херитиџ во соработка со весникот Вол Стрит Џурнал, Македонија е економски слободна со 60,8 проценти, што спаѓа во категоријата „умерено слободни држави“ и е рангирана на 71-то место во светот.

Херитиџ со седиште во Вашингтон, економската слобода ја дефинира како можност поединците слободно да работат, произведуваат, трошат и инвестираат. Целта е воедно таа слобода да биде заштитена и непопречена од страна на државата.

Ентони Смит, експерт за истражување на податоци во организацијата, за Гласот на Америка на македонски изјави:

- Според резултатите од 2007-ма, Македонија има мошне добар резултат во однос на слободата во фискалната и монетарната политика. Износите во овие области се всушност над просекот во светски рамки.

Индивидуалните и даночните стапки на приходите на компаниите се на мошне ниско ниво и конкурентни на пазарот, а и инфлацијата е ниска. Македонската влада, според Смит, вложува напори за намалување на своето влијание врз пазарните цени, иако некои, како цената на електричната енергија, се под влијание на компаниите во државна сопственост. Актуелната Влада, вели овој претставник на Херитиџ, се соочува и со предизвици:

- Македонија има слабост во однос на владината интервенција, инвестиционите регулативи, сопственичките права, а постои и одредено ниво на корупција. Слабо е судството и на некој начин подложно на коруптивни активности и токму ова се областите во кои владата може да стори повеќе и да оди нагоре на нашето скалило.

Херитиџ и Вол Стрит Џурнал го изготвуваат Индексот за економска слобода во светот преку една деценија. Истражувања и мерења на 10 специфични фактори, меѓу кои слобода на деловно работење, трговија, фискална економија, годинава се вршеле во 161 земја.

На листата земји од соседството, според економската слобода, Албанија се наоѓа на 66 место, додека од оние од поранешна Југославија, Хрватска е 109-то, а Босна и Херцеговина на 115-та позиција.

XS
SM
MD
LG