Линкови за пристапност

Во Ирак минатата година загинале 34 илјади лица


Бројката е резултат на информации добиени од болниците и ирачкото министерство за здравство, вели раководителот на Канцеларијата на ОН за човекови права во Ирак Џани Магазини. Таа прецизира дека во 2006-та, како резултат на насилство загинале 34.452 цивили, а 36.685 биле ранети.

Статистички гледано, дневно гинеле речиси по 100 лица. Бројката е многу поголем од онаа на ирачката влада, а ирачки владини претставници за претходните извештаи на ОН тврдеа дека се преувеличани.

Најновиот извештај наведува дека припадници на секташките милиции се инфилтрирани во безбедносните сили, поради што тие станале неефикасни. Според Магазини, крвопролевањето нема да прекине се` додека навистина не се појави причина Ирачаните да веруваат на полицијата, судовите и правните инстанци.

„Основната причина за секташкото насилство се одмаздничките убиства и фактот дека ретко кој одговара за сторените злосторства, како и растечката претстава дека никој не го казнува прекршувањето на човековите права. Тоа доведува луѓето да го преземат законот во свои раце и да се потпираат на секташките милиции или криминални банди“, вели Магазини.

Недоволната безбедност, заклучи Магазини, го блокира напредокот и на други фронтови.

ОН наведуваат и дека во земјата биле притворени речиси 31 илјада луѓе; помалку од половина се држат во притвор на мултинационалните сили под американско раководство. Насилството во Ирак резултираше и во над 470 илјади раселени лица.

XS
SM
MD
LG