Линкови за пристапност

Кејси не дава гаранции, но верува дека новата ирачка стратегија ќе успее


Командантот на американските сили во Ирак, генерал Џорџ Кејси, кој наскоро ќе замине од ова функција, предвидува дека ќе минат месеци пред да се видат резултатите од новиот безбедносен план за оваа земја, како и дека нема гаранции дека тој ќе биде успешен.

Генерал Кејси не очекува значителни резултати од новата ирачко-американска стратегија за три до шест месеци.

Нема гаранции за успех и нема да се случи преку ноќ, но со континуирана политичка поддршка и насочени напори на сите вклучени страни, верувам дека планот ќе функционира.

Планот што минатата недела го изложи претседателот Буш предвидува распоредување на дополнителни, над 20 илјади американски војници, од кои повеќето во Багдад.

Оние кои се против наведуваат дека успехот зависи од соработката на ирачката влада под контрола на муслиманите-шиити, која досега не беше секогаш подготвена да се пресмета со шиитските милиции обвинети за дел од секташкото насилство. Според медиумски извештаи, Вашингтон притиска врз ирачкиот премиер Нури ал-Малики да појде поенергично против секташките милиции.

Но, според американскиот амбасадор во Ирак, Залмај Калилзад, ирачката влада сама донесува одлуки и ќе преземе мерки по прашањето бидејќи тоа е во ирачки интерес:

- Не постои краен рок зададен од САД врз ирачката влада или премиерот – да го сторите ова, или во спротивно... Го почитуваме фактот дека ова е суверена земја со премиер избран од народот.

И Кејси, и Калилзад велат ирачки владини лица ги увериле дека нема да дозволат ниту еден дел на Багдад да стане засолниште на вооружените лица.

Од другите настани во Ирак, владата соопшти дека вчера погубила двајца блиски соработници на поранешниот претседател Садам Хусеин – полубратот Барзан Ибраим ал-Тикрити и поранешниот водач на Ирачкиот револуционерен суд Авад Хамид ал-Бандар, за учеството во убиството на 148 ирачки шиити во селото Дуџаил во 1982-ра година. Ирачки владин портпарол потврди дека главата на Барзан била откината од телото за време на бесењето, но кажа дека тоа било ненамерно, како и дека понекогаш се случува при погубување.

Садам беше обесен на 30 декември за убиствата во Дуџаил, во хаотична сцена што повлече меѓународна критика.

XS
SM
MD
LG