Американскиот претседател и главните членови на владата во серија јавни настапи го бранеа новиот план што Буш го изложи во обраќањето до нацијата во средата. Демократите, и некои републиканци, се против.
Во обраќањето пред армиска единица во сојузната држава Џорџија, претседателот Буш синоќа повтори дека има намера да испрати над 20 илјади американски војници во Ирак како засилување на постојните сили, со цел да помогнат во запирање на секташкото насилство.
Засилувањето нема веднаш да даде резултати, предупреди Буш, но затоа кажа дека евентуалниот неуспех во Ирак ќе ги охрабри радикланите исламисти и ќе им овозможи засолниште од каде ќе дејствуваат.
Сведочејќи на распитот во Сенатската комисија за надворешни работи, американскиот државен секретар Кондолиза Рајс најави дека напоредно со военото засилување ќе има и интензивни дипломатски напори.
Ирачаните мора да земат обврска за обнова на безбедноста во својата земја, рече Рајс, која исто така ги повика Сирија и Иран да прекинат со дестабилизирање на регионот.
Јавната поддршка за војната е во опаѓање, и демократите, под чија контрола се наоѓаат обата дома на Конгресот по ноемвриските избори, веднаш и остро го критикуваа планот на претседателот за нови сили во Ирак.
Демократскиот сенатор Џозеф Бајден, кој е на чело на Сенатската комисија за надворешни работи, ја опиша новата стратегија како “трагична грешка“.
Дури и некои членови на Републиканската партија на претседателот Буш изразија противење. На вчерашниот распит, сенаторот Чак Хагел рече дека планот е, цитираме, “најсериозната надворешно-политичка грешка по Виетнамската војна“.
Секретарот за одбрана Роберт Гејтс, пак, го објави планот за зголемување на севкупниот број на припадници на американската армија и реактивирање - поскоро од очекуваното – на дел од припадниците на Национална гарда и Резервните сили кои веќе служеле во Ирак или Авганистан.
Гејтс најави дека ќе му предложи на претседателот Буш перманентно зголемување на составот на Армијата и маринците за 92 илјади во текот на наредните пет години. Со тоа, нивниот број би се накачил на вкупно 750 илјади.
Поради потребите на ирачкјата војна, рече Гејтс, дел од единиците на Националната гарда и Резервните сили ќе бидат повикани на служба почесто од порано, но затоа, во најголемиот број случаи, нејзината должина ќе биде ограничена на една година, со пауза од пет години меѓу две служби. Досега една служба можеше да изнесува до две години.