Линкови за пристапност

Дополнителни 20.000 војници за смирување на насилството во Ирак


Дополнителни 20 илјади војници и нови ветувања за помош во обновата и развојот на Ирак се меѓу предлозите за новата американска стратегија за оваа земја што доцна синоќа во директно телевизиско обраќање ја изложи претседателот Џорџ Буш.

Оценувајќи дека ситуацијата во Ирак е неприфатлива за американскиот народ и за него самиот, Буш подвлече дека презема одговорност за грешките направени во досегашниот конфликт, но затоа предупреди дека отстапувањето во овој момент ќе доведе до колапс на ирачката влада.

Американскиот претседател тврди дека зголемената поддршка од Вашингтон ќе им помогне на Ирачаните да го прекинат циклусот на насилство и ќе придонесе за побрзо враќање на американските сили дома. Тој оцени и дека ирачката влада е решена да го запре секташкото насилство.

Планот на Буш е да испрати поголем дел од новите сили во Багдад, каде ќе работат заедно со ирачките сили на чистење на немирните делови на градот од милитанти и враќање на безбедноста.

Четири илјади американски војници ќе бидат испратени во покраината Анбар, за која Буш оцени дека е база на Ал-Каида во Ирак. Тој рече и дека ирачкиот премиер Нури ал-Малики ветил дека нема да толерира политичко или секташко мешање во армиските операции. Ирачката влада, рече американскиот претседател, ќе преземе одговорност за безбедноста на земјата до ноември, и ќе употреби 10 милијарди долари од сопствени фондови на проекти за обнова.

Тој предупреди и дека американската посветеност на Ирак не е бескрајна и дека ирачката влада мора да го исполни ветеното.

Водачите на демократското мнозинство во Конгресот веднаш реагираа на обраќањето со отфрлање на планот за зајакнување на американските сили во Ирак. За нив, дошло време војниците да се вратат дома. .

Сенаторот Дик Дурбин кажа дека нови 2о илјади војници се премалку да се запре граѓанската војна во Ирак, но истовремено и премногу човечки животи за да се изложат на ризик, згора на трите илјади Американци кои досега загинаа во Ирак.

Така не мисли лидерот на републиканското малцинство во Претставничкиот дом Џон Бонер, за кого новиот план е „најдобра можност за победа во Ирак“ и „она што го очекуваат и сакаат Американците“.

XS
SM
MD
LG