Ноемвриските конгресни избори ја донесоа следнава промена – демократите имаат мнозинство во Претставничкиот дом со 233 наспрема 202-ца републиканци, а во Сенатот 51 спрема 49.
Ненси Пелоси конгресменката од Калифорнија е новиот спикер на Претставничкиот дом и со тоа е првата жена на висока функција во американската историја. Таа е определена за исполнување на, како што ја нарекуваат демократите, 100-часовната агенда, вклучувајќи преземање на легислативни мерки против корупцијата во редовите на Конгресот и олеснување на економските потешкотии на Американците.
-100 часа за ова да стане најчесниот и најотворениот Конгрес во историјата. 100 часа да се зголеми минималниот износ на платата, да се намали цената за упис на факултетите, здравственото осигурување да биде попристапно, а нашата земја, побезбедна.
За да се остварат овие цели, Пелоси и останатите демократски лидери го блокираат републиканското малцинство во Конгресот да предлага амандмани или алтернативи на шест клучни делови од легислативата на агендата. Претходно, лидерот на сенатското мнозинство, Хари Рид оствари средба со лидерот на републиканското малцинство Мич Меконел, истакнувајќи ја намерата за што е можно поголема меѓусебна соработка.
-Нашите напори ќе бидат насочени на тоа да работиме на двопартиска основа, на отворен начин, да ги решаваме проблемите на американскиот народ, вели Рид.
-Да минеме над нивото на партиски интереси што го имаше премногу изминативе години и да развиеме силни меѓусебни односи, но и да работиме преку партиската линија, изјави сенаторот Меконел.
Сенаторот Рид вака одговори кога двајцата беа запрашани како такви ветувања ќе функционираат во пракса при постоење на тешки прашања како што е Ирак:
-Ирак е таму каде што е. Државата е таму каде што е. Ирак е прашање на кое сите ние треба да работиме и ние тоа ќе го сториме на двопартиска основа. Но ние нема да го свртиме нашето внимание од она што е потребно да се стори за оваа држава. Во наредните недели комисиите во Сенатот и Претставничкиот дом под контрола на Демократите ќе се фокусираат на Ирак, со преиспитувања на политиката на администрацијата на претседателот Буш во однос на Ирак. Иако формално агендата на Демократите за првите сто часови започнува следната недела, првиот ден на новиот 110-ти Конгрес започна со тоа што Претставничкиот дом ги зема во разгледување промените кои поставуваат нови ограничувања на односите меѓу законодавците и лобистите.