Фокусот на странски инвестиции е насочен кон автомобилската индустрија и информативната технологија. Имаме програма за создавање на таканарена Силиконска долина во зоната на слободна трговија Бунарџик. Не е исклучена промоцијата на Македонија како земја со здрава храна, но акцентот на новата влада е во привлекување инвестиции од високо-развиената технологија, вели министерот за странски инвестиции на Република Македонија Глигор Ташковиќ во интервјуто за Гласот на Америка.
За време на престојот во Кина и Јужна Кореја и средбите со официјални лица, Ташковиќ вели дека на потенцијалните инвеститори им ја претставил Македонија како Сингапур од Европа – земја ориентирана за бизнис-зделки, која жестоко се бори против корупцијата. Што нуди Македонија?
- Рамниот данок е привлечен за странските инвеститори. Денеска, на 2-ви јануари имаме 12 проценти данок за корпорациите, а од 1-ви јануари 2008-ма ќе се намали на 10 проценти, со што Македонија ќе има најмали корпоративни даноци во Европа.
- Во слободната трговска зона Македонија нуди нула данок во следните десет години. Според Ташковиќ ќе бидат потребни 2 години за Бунарџик вистински да профункционира, иако Џонсон Контролс најави влез во земјата овој ноември.
Ташковиќ ја објави и првата странска инвестиција во Македонија откако е министер. Бизнисмен од Чикаго ќе инвестира 14 милиони евра во затоплувањето со природен гас во Крива Паланка и Кратово. Ако проектот е успешен, тој најави проширување на инвестициите и во другите градови во Македонија.
- Следната недела во Македонија доаѓаат Бритиш Петролиум и Ројал Дач Шел со цел да ги разгледаат условите за отварање бензиски пумпи, како и можност за учество во други инвестиции.
Ташковиќ не жали што ја прифатил понудата од премиерот Груевски да биде дел од владата на РМ, иако целото негово семејство живее во САД, како и оти овој ангажман за него е извонреден предизвик да придонесе за доближување на Македонија до ЕУ и НАТО.