Линкови за пристапност

Поранешниот сенатор Џон Едвардс најави учество во трката за претседател на САД на изборите во 2008-ма


Едвардс официјално се изјасни во Њу Орлеанс, град кој се` уште мака мачи со опоравувањето по ураганот Катрина пред повеќе од една година.

- Ако сакаме промени во земјата, ако сакаме да ја придвижиме Америка во потребниот правец, ќе мора тоа сами да го направиме – и заедно.

Едвардс најави дека ќе работи на премостување на економскиот јаз во земјата меѓу богатите и сиромашните, поделба за која вели дека евидентна во Њу Орлеанс. Во изборната трка Едвардс планира да акцентира домашни прашања. Тој се залага за зголемување на минималната надница, проширување на здравствената заштита како и поефтино универзитетско образование.

Во надворешната политика, Едвардс претпочита повлекување дел од американските трупи во Ирак и е против зголемување на нивниот број во Багдад. Како што е познато, претседателот Буш размислува за вакво зголемување додека се подготвува да објави нова стратегија за ирачката војна:

- Најголемата одговорност на идниот претседател на САД е повторно да го воспостави американското лидерство во светот, почнувајќи со Ирак. Мора јасно да ставиме до знаење дека имаме намера да го напуштиме Ирак и да ја предадеме одговорноста во рацете на Ирачаните. Најдобар начин тоа јасно да го ставиме до знаење е да почнеме да се повлекуваме од земјата.

Едвардс во Сенатот гласаше ЗА војната во Ирак, но сега вели дека тоа било грешка.

Ова е втор обид на Едвардс во претседателска трка. Загуби од Џон Кери на демократската конвенција во 2004-та, но затоа стана негов потпретседателски кандидат, а потоа обајцата загубија од претседателот Буш и потпретседателот Дик Чејни.

Едвардс е трет демократ кој формално влезе во трката за претседател во 2008-ма, со што им се придружи на гувернерот од Ајова Том Вилсак и конгресменот од Охајо Денис Кучинич.

XS
SM
MD
LG