Линкови за пристапност

Почина најстариот жив американски претседател Џералд Форд


Форд почина синоќа на 93-годишна возраст. Тој стапи на функцијата во 1974-та откако Ричард Никсон даде оставка поради политичкиот скандал Вотергејт. Претседателот Буш по повод смртта на Форд кажа дека тој беше „голем Американец“ кој помогна земјата да ги залечи раните и ја обнови довербата во претседателската функција.

38-от претседател на САД е роден во Небраска, 1913-та. Родителите на Форд се развеле неколку години потоа. Бил ѕвезда во фудбалскиот тим на Универзитетот во Мичиген, служел во морнарицата за време на Втората светска војна, а потоа студирал право на Универзитетот Јел. Во 1948-ма станува конгресмен. Поради популарноста, и меѓу своите републиканци и меѓу демократите, претседателот Ричард Никсон го назначува за потпретседател во 1973-та. Во август 1974-та, Никсон дава оставка поради политичкиот скандал Вотергејт и Форд доаѓа на негово место како прв американски претседател што не е избран директно на избори .

Во првото обраќање до нацијата тој ја зацрта задачата да ги залечи политичките рани на нацијата поради скандалот.

Мои сонародници Американци, долгата национална ноќна мора заврши. Уставот функционира. Нашата величенствена република е почитување на законите а не владеење на поединци. Тука владеат луѓето.

Политичкиот аналитичар Стивен Хес од Институтот Брукингс коментира:

Тој донесе смиреност во едно доба на превирање, личен интегритет што едноставно сјаеше и успеа да спрели еден веројатно многу непријатен период во ерата по Никсон.

Еден месец откако стана претседател, Форд го помилува Никсон за сите евентуални кривични дела во скандалот Вотергејт. Јавната реакција беше наголемо негативна. Експертот Хес смета дека тоа е и причината што Форд загуби од Џими Картер на изборите во 1976-та.

Форд беше на функција во време на инфлација и поделеност во земјата предизвикана од крајот на Виетнамската војна. Негови главни надворешно-политички достигнувања се продолжување на политиката на детант кон Советскиот Сојуз и заокружување на Хелсиншката спогодба за принципите на човековите права и националните граници во Источна Европа.

XS
SM
MD
LG