Линкови за пристапност

Босанската продавница во Вашингтон, најбарани - македонските производи!


Македонските продукти се едни од најбараните. Луѓето навраќаат во продавницата во потрага по вкусовите од детството, вели еден од сопствениците. Репортажа на Јане Бојаџиевски.

- „Кога доаѓам да купам за ручек најмалку 3-4 пати во неделата, моја омилена храна на менито е тилапија. Многу ја сакам домашната лепиња и сосот на салатите кои дaваат посебен вкус„.

Слична е на американската храна, но вкусот е поинаков, затоа што е пикантна и несекојдневна, вели еден чест муштерија на „Плава лагуна“.

Во продавницата има производи од сите поранешни републики на Југославија. Особено сега, во зимскиот период, зголемени се нарачките за киселата зелка, велат сопствениците. Купувачите тука не ги интересира политиката. Уживаат во производите од нивните земји и носталгично се сеќаваат на вкусовите од нивните кујни.

Салама Гавриловиќ, ајвар или босански суџук - сето тоа може да се купи во Вашингтон. Во „Плава лагуна“ планираат проширување на бизнисот со сувомесни производи.

За љубителите на слатки, има и локум, што не може да се најде на друго место во градот. Реткоста на некои производи ја прави продавницата вистинско доживување за гурманите.

Кој вели дека не можат да се најдат весници и списанија од просторите на поранешна Југославија? И Срби, и Македонци, и Хрвати, и Босанци читаат за нивните омилени ѕвезди и ТВ-личности.

Еден од газдите Енес Алиќ, родум од Брчко, веќе 8 години живее во Вашингтон. Задоволен е од работата и прометот што го остварува. Среќен е поради секојдневната комуникација со луѓе од балканските простори. Зошто продава балкански производи среде Вашингтон?

- Сакале или не сакале да признаеме, во себе имаме сочувано некои вкусови од детството. Иако со текот на годините се менувам, се радувам кога ќе наидам на некои од вкусовите од детството, нашата паштета, ајварот, суџукот.

Другиот сопственик Ивица ја открива тајната на добрата храна:

Начинот на подготвување на свежото тесто не е како оној во супермаркетите. Лепињите се специјателитет и секој кој е добар познавач на добра храна – ги цени.

Во храната, луѓето од Балканот наоѓаат големо задоволство. Кога се добро расположени и сакаат да се опуштат од напорниот ден, вистинските гурмани задоволство го наоѓаат во добро подготвеното мезе, па дури и во Америка.

XS
SM
MD
LG