Линкови за пристапност

Американскиот претседател предвидува тешка наредна година во Ирак


Претседателот Буш предвидува тешка наредна година во Ирак и во моментов разгледува повеќе идеи за запирање на насилството, меѓу што и зголемување на американските сили.

2006-та беше тешко време за американските војници во Ирак и ирачкиот народ, кажа претседателот Буш на вчерашната прес-конференција и најави - 2007-ма ќе донесе дополнително жртвување, со оглед на намерата на бунтовниците да ја попречат ирачката влада и да издејствуваат американско повлекување.

Влегуваме во новата година со јасна претстава за предизвиците и за нашата цел, која и натаму е слободен и демократски Ирак кој може самиот да се владее, брани и опстојува и кој ќе биде сојузник во војната против тероризмот.

Буш во моментов работи на ревизија на ирачката стратегија со цел, како што нагласи, да одговори на предизвиците и да ја осигура победата. Тој по овој повод треба да се обрати до јавноста во јануари наредната година.

Можеме помудро да ги распоредиме силите и ресурсите. Можеме да побараме нашите ирачки партнери да сторат повеќе - и ќе побараме. Но, не можеме да ги оставиме на цедило стотиците милиони мајки и татковци ширум Блискиот Исток кои бараат надеж и можности за своите деца, што терористите се обидуваат да им ги ускратат.

Буш кажа дека многу опции се на маса, меѓу кои и зголемување на бројот на американски војници во Ирак. Тој подвлече дека не донел дефинитивна одлука, но затоа ја реафирмираше намерата да побара зголемување на бројот на припадници во армијата - не во Ирак, туку воопшто - со цел САД да бидат подобри во војната против тероризмот на долгорочен период. Тој за првпат ова го најави во вчерашното интервју за весникот Вашингтон Пост, во кое даде и оценка на условите во Ирак. За разлика од пред два месеца, кога кажа дека САД победуваат во Ирак, Буш во интервјуто оценува дека земјата во моментов ниту победува, ниту губи.

На прашање на прес-конференцијата - дали различните оценки значат дека го има сменето мислењето – Буш одговори негативно, додавајќи дека отсекогаш сметал дека САД ќе победат на долгорочен план.

Мојот вчерашен коментар го рефлектираше фактот дека не напредуваме доволно брзо колку што сакав, и дека условите во Ирак се тешки, особено во Багдад.

Новиот американски секретар за одбрана Роберт Гејтс вчера ненајавено го посети Ирак, само два дена откако даде заклетва на функцијата. По средбите со ирачки претставници и американски армиски команданти, Гејтс кажа дека разговарал за евентуалното зголемување на бројот на американски сили, но дека најпрвин мора конкретно да разгледа колкаво би било зголемувањето, и со која цел.

XS
SM
MD
LG