Линкови за пристапност

Секташкото насилство во Ирак на рекордно ниво


Во извештајот на Пентагон, објавен во понеделникот, се вели дека армијата Махди на радикалниот шиитски свештеник, Моктада ал-Садр ја надминала Ал-Каида како најголема закана за цивилното население.

Во извештајот стои и дека ирачката влада се обидува, но не успева да постигне национално единство меѓу завојуваните фракции и дека ирачките политичари честопати не сакаат или не можат да постигнат компромисно решение.

Весникот Вашингтон пост, пак, тврди дека администрацијата на претседателот Буш е поделена околу идејата за привремено зголемување на бројот на американски војници во Ирак.

Во вчерашното издание, цитирајќи неименувани американски претставници, весникот наведува дека Белата куќа инсистира на испраќање на дополнителни 15 до 30 илјади американски војници во Ирак на мисија од шест до осум месеци, како дел од новата поширока ирачка политика. Вашингтон пост додава и дека Здружениот американски генералштаб не се согласува со предлогот, предупредувајќи дека воената мисија во Ирак и натаму не е јасно дефинирана.

Запрашан да го коментира извештајот, портпаролот на Белата куќа, Тони Сноу кажа дека претседателот Буш и натаму нема донесено конечна одлука за новата стратегија за Ирак.

XS
SM
MD
LG