Претседателот Буш најави дека внимателно ќе ги разгледа препораките на Групата за проучување на ситуацијата во Ирак, но и одвоените студии на Пентагон, Стејт департментот и Националниот совет за безбедност.
„Ги ценам советите што ги добив од луѓе кои ја познаваат тематиката. Советите се важен дел од наоѓањето нов пат напред во Ирак“, рече Буш по синоќешната средба во Стејт департментот, на која покрај државниот секретар Кондолиза Рајс, учествуваше и потпретседателот Дик Чејни и други виши владини лица.
До советувањето со првите владини лица за надворешна политика дојде откако Групата за проучување на ситуацијата во Ирак минатата недела му ги врачи своите препораки на претседателот Буш. Ова меѓупартиско експертско тело даде вкупно 79 препораки, меѓу кои и повлекување на повеќето борбени единици на САД до почетокот на 2008-ма. Претседателот минатата недела најави дека внимателно ќе ги разгледа препораките на Групата, но кажа дека владата преку одвоени студии на Пентагон, Стејт департментот и Националниот совет за безбедност, на кои ќе им биде посветено подеднакво внимание, врши сопствен преглед на ирачката политика.
Буш вчера се сретна и со невладини експерти, меѓу кои и тројца пензионирани генерали.
Опозиционите демократи продолжуваат да вршат притисок врз Буш да прифати повеќе од сугестиите на Групата за проучување на ситуацијата во Ирак.
Од Белата куќа велат дека до католички Божиќ претседателот ќе се обрати до јавноста за евентуалните промени во американската стратегија за Ирак.