Линкови за пристапност

Транспаренси интернешнал: На Македонија ќе и биде неопходна независна граѓанска група која ќе се залага за борба против корупцијата


Транспаренси интернешнал го објави својот „Глобален барометар за корупцијата за 2006 година“. „Додека личните искуства на испитаниците во Македонија во однос на поткупот се на изненадувачки ниско ниво, тие се многу поскептични за напорите на владата во борбата против корупцијата“ – вели Миклош Маршал, директор на Транспаренси интернешнал за Европа и Централна Азија, со седиште во Будимпешта.

Интересен е фактот што македонското население за себе не мисли дека е многу корумпирано и на прашањето дали во изминатава година дале поткуп за да завршат одредена работа, само 9 отсто од 1.000 испитаници одговориле позитивно, изјави Маршал.

- Ова е изненадувачки низок процент, особено доколку оваа бројка ја споредиме со онаа на Романија, што изнесува 20 проценти или Албанија, каде се работи за 66 проценти.

Од друга страна, Маршал вели дека повеќето Македонсци веруваат дека политичкиот живот е под големо влијание на корупцијата. Според испитаниците, владата не вложува преголеми напори во борба против корупцијата. Станува збор за многу скептична јавност во вашата земја и затоа новата влада се соочува со мошне тежок предизвик, заклучува претставникот на Транспаренси интернешнал.

За неодамнашното затварање на канцелариите на организацијата во Македонија, Маршал со коментар дека одделот станал, како што рече, жртва на политичките превирања во земјата. На прашањето за можноста за повторна соработка, тој кажа:

- Засега не можам ништо да предвидам. Се надевам дека ќе имаме група со која ќе можеме да соработуваме, што е можно поскоро, особено поради фактот што Македонија има аспирации за членство во ЕУ и за да се справи со корупцијата, ќе и биде неопходна гласна, независна граѓанска група која ќе се залага за борба против корупцијата. Се надевам дека ќе имаме нова група во земјата за околу една година.

Најновото испитување се разликува од редовниот Годишен извештај за индексот на корупција во светот, базиран на мислењето на експерти за оваа проблематика. „Глобалниот барометар“ се спроведува на домаќинства во 62 земји поединечно.

XS
SM
MD
LG