Линкови за пристапност

Групата за проучување на ситуацијата во Ирак предлага промени во американската политика


Копреседавачот на 10-члената двопартиска група, поранешниот конгресмен Ли Хамилтон, при објавувањето на извештајот рече дека „по четири години војување и преку 2.900 загинати американски војници, ситуацијата во Ирак е тешка и се влошува. Насилството расне, и во обем, и во смртоносност. Нападите врз американски сили и американските жртви продолжуваат со алармантна стапка. Ирачаните страдаат во голема неволја“.

Хамилтон оцени и дека способноста САД да влијаат врз настаните се намалува.

Групата препорачува армијата на САД да ја промени примарната мисија на американската армија од борбена во советодавна и што би давала поддршка, како и дека „до првиот квартал на 2008-ма, доколку нема неочекувани промени на теренот, сите американски борбени единици, кои не се неопходни за пружање заштита, би можеле да заминат од земјата“.

Другиот ко-претседавач, поранешниот државен секретар Џејмс Бејкер, кажа дека групата повикува и на петкратно зголемување на американските сили кои ги обучуваат ирачките војници, со што бројот на инструктори би се зголемил од 4.000 на 20.000. Бејкер кажа и дека групата не бара зголемување на вкупниот број на американски сили во Ирак, бидејќи, едноставно, тие не се на располагање.

Тој смета дека САД треба да започнат нова дипломатска офанзива за иднината на Ирак, во која треба да бидат вклучени сите ирачки соседи, па и Иран и Сирија. Бејкер го повика претседателот Буш да ги заживее напорите за поширок мир на Блискиот исток.

Коментирајќи на извештајот, портпаролот на Белата куќа Тони Сноу негираше дека тој претставува отфрлање на ирачката политика на владата на претседателот Буш, како и дека Белата куќа внимателно ќе го разгледа.

Двопартиската група вчера формално ми го врачи извештајот на претседателот Буш по неколкумесечна подготовка. Буш рече дека тој содржи „мошне строги проценки за конфликот“, но дека има интересни предлози што тој сериозно ќе ги земе предвид.

Американскиот претседател не е обврзан да ги прифати препораките од извештајот. Тој најави дека ќе ги земе предвид и одделните анализи за ситуацијата во Ирак на Пентагон, Стејт департментот и Советот за национална безбедност.

XS
SM
MD
LG