Линкови за пристапност

Калед Ел Масри престојува во Вашингтон и бара објаснување и извинување од американската влада


Германскиот државјанин Калед Ел Масри тврди дека бил уапсен на 31-ви декември 2003-та додека бил на одмор во Македонија, по што авионски бил префрлен во затвор во Авганистан. Тој вели дека таму бил пет месеци, чуван во окови, тепан, држен во самица и дрогиран. Во мај 2004-та бил ослободен во шума во Албанија – „и фрлен како парче багаж“, како што вели самиот.

На прес-конференција во Вашингтон во средата, говорејќи преку преведувач, Ел Масри рече дека се` уште не знае зошто бил приведен.

- Цело тоа време против мене не беа изречени никакви обвинувања. Сепак, бев постојано испрашуван за други луѓе - дали познавам некои терористи, донатори на пари, помошници.

Во мај, федерален судија ја отфли жалбата на Ел Масри против Џорџ Тенет, поранешниот директор на ЦИА, прифаќајќи го аргументот на владата на претседателот Буш дека доколку случајот влезе во процедура, тоа би можело да ги доведе во опасност државните тајни.

Ел Масри тврди дека е недолжна жртва на наводната тајна програма на ЦИА за префрлање на лица осомничени за тероризам во други земји, каде се држат во притвор и испрашуваат. Иако ЦИА одби да коментира за случајот, во медимуите беа цитирани американски официјални лица дека Ел Масри е случај на направена грешка во идентитетот, иако, како што вели тој, оние кои го киднапирале знаеле многу детали од неговиот приватен живот.

Неделава, адвокати на Калед Ел Масри го изложија случајот пред Апелациониот суд во Ричмонд, сојузната држава Вирџинија, барајќи негово продолжување.

Пред неколку месеци, претседателот Буш изјави дека лица осомничени за тероризам биле префрлани од тајни центри за притвор на ЦИА во американскиот воен притвор во Заливот Гвантанамо на Куба. Многумина експерти ова го интерпретираа како јавно признавање на тајната програма на ЦИА. Претседателот Буш, пак тврди дека ваквите префрлања овозможиле американските власти да добијат клучни информации за заштита на Американците од тероризам.

Калед Ел Масри ќе остане во Вашингтон до недела, а неделава имаше средби со американски законодавци на Капитол Хил.

Неговото барање случајот да продолжи пред американски суд се совпаѓа со извештајот на Европскиот парламент, објавен во вторникот, во кој 11 земји од ЕУ се обвинуваат дека активно или пасивно соработувале со ЦИА на тајната програма. Извештајот е во контрадикција со изјавите на европските земји, вклучувајќи ги Британија, Италија и Германија дека не знаеле за таа програма.

XS
SM
MD
LG