Линкови за пристапност

Средба Буш-Ал Малики во Јордан


Претседателот Џорџ Буш негираше дека САД се обидуваат, цитираме, „елегантно да се извечат“ од Ирак и кажа дека американските сили ќе останат „се` додека не ја завршат работата“ и се` додека ирачката влада бара тие да останат.

- Се согласивме за важноста да забрза обуката на ирачките сили за безбедност. Наша цел е да обезбедиме дека премиерот има повеќе способни сили под своја контрола, така што неговата влада ќе може да се бори против терористите и одредите на смртта и да пружи безбедност и стабилност во земјата.

Буш го окарактеризира премиерот Нури ал-Малики како „цврст лидер“ и кажа дека успехот на неговата влада е од клучно значење за иднината на Ирак. Во доверлив меморандум пак, што неделава успеа да стигне до медиумите, наводно стои дека Белата куќа има резерви за лидерските способности на Ал-Малики.

Ирачкиот премиер сугерираше дека Иран и Сирија може да одиграат улога во стабилизацијата на Ирак, но подвлече дека на ниту една група однадвор нема да и` биде дозволено да контролира кој и да е` дел на Ирак.

Буш го дели мислењето на Малики дека поделбата на земјата - како што некои сугерираат - нема да стави крај на секташкото насилство, туку само ќе го зголеми.

Насилството во Ирак не стивнува - властите само во средата во Багдад нашле 50 безживотни тела. Американската армија, пак, открила масовна гробница со 28 тела близу Бакуба, северно од Багдад. Армијата најави и дека ќе префрли 2.000 војници од северниот дел на Ирак во Багдад, за да помогнат во стабилизирање на безбедносната ситуација.


А според американски медиумски извештаи, двопартиската група што врши преглед на американската политика кон Ирак ќе предложи постепено повлекување на силите. Весникот Њујорк тајмс наведува дека препораките на десетчленото тело сепак не содржат конкретен рок за повлекување, но дека од нив е јасно дека американскиот армиски ангажман во Ирак не може да трае бесконечно. Во извештаите се наведува и дека групата ќе предложи промена на ангажманот - од борбен, во советодавен. Копретседавачот на групата, демократот Ли Хамилтон изјави дека таа постигнала консензус за препораките и дека ќе бидат објавени наредната недела.

XS
SM
MD
LG