Линкови за пристапност

НАТО испрати позитивен сигнал до Македонија за покана за членство во 2008-ма 


Пораката на Алијансата е дека „принципот на отворена врата“ останува примарен и во време на нејзина радикална трансформација. Тоа, рефлектирано во декларацијата, што на крајот на самитот ја објавија шефовите на држави и влади – учеснички на самитот на НАТО е изразено вака:

„Ги поздравуваме напорите на Албанија, Хрватска и поранешна југословенска Република Македонија да се подготват за одговорноста и обврските за членство. Го цениме нивниот зголемен придонес во меѓународните мировнички и безбедносни операции, како и нивните заеднички напори да ја унапредат регионалната соработка. На нашиот следен самит во 2008-ма, Алијансата има намера да испрати покани до тие земји кои ќе бидат во согласност со стандардите на НАТО засновани на достигнувањата и кои ќе бидат во состојба да приоднесат за евро-атлантската безбедност и стабилност“. Документот за Македонија вели дека НАТО ги цени и поздравува успешно изведените парламентарни избори во 2006-та и силните напори да ги продлабочи политичките, економските, одбрамбени и правосудни реформи што мора да продолжат.

Членките на НАТО на овој самит донесоа многубројни одлуки од економска, воена и политичка природа. Генералниот секретар Јап де Хоп Скефер сумираше 17 иницијативи за успешно справување на НАТО со предизвиците на 21-от век, меѓу кои и такви кои значат нагласено влегување во цивилната сфера и поттици за учество во силите за брза реакција и специјалните сили на НАТО.

Но, од политички аспект можеби најголемото изненадување претставуваше изразената заложба на Алијансата да испрати силен сигнал до Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија дека верува во нивниот вреден придонес во регионалната стабилност и безбедност. „Земајќи ја предвид важноста од долгорочна стабилност во Западниот Балкан, и уважувајќи го досега направениот напредок, ние денес ги поканивме овие три земји да се приклучат на Партнерството за мир и на Евро-атлантскиот совет за партнерство“, се вели во документот. Единствениот услов - или подуслов - е очекувањето Србија и Босна и Херцеговина целосно да соработуваат со Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија.

XS
SM
MD
LG