Утре во Рига започнува средбата на Северноатланскиот совет на ниво на шефови на држави и влади, но денеска можеше да се исцрта профилот на овој Самит на НАТО.
Претседателот Буш се обрати во Универзитетот на Латвија со излагање што ги покажа американските и целите на НАТО во наредниот период. Тој јасно го издвои Авганистан како важна мисија на НАТО, каде се постигнати позитивни резултати. Алијансата, вели Буш, воедно го зајакнува предизвикот да истрае и да покаже дека може да се одржи на за неа непозната територија.
Што се однесува до прашањето на проширувањето, кое воопшто не е присутно во плановите за дискусии на овој Самит, Буш истакна:
- На нашиот нареден самит во 2008-ма се надеваме да упатиме нови покани до земјите кои се подготвени за членство. Денес, Хрватска, Македонија и Албанија учествуваат во Акциониот план за членство во НАТО. САД ги поддржуваат нивните аспирации да се приклучат на Атлантскиот сојуз.
По прашањето се произнесе и портпаролот на НАТО, Џејмс Апатурај, кој беше дециден оти принципот на проширување на сегашната алијанса од 26 членки останува да важи и дека и покрај тоа што не постојат индикации за тоа на овој Самит, коминикето ќе содржи силно охрабрување за земјите-аспиранти. Апатурај рече и дека приклучувањето ќе зависи и од постигнувањата, како и тоа оти се очекува овие земји до 2008-ма година да го направат потребниот напредок.
И претседателот Буш, и портпаролот на НАТО ставија голем акцент на трансформацијата на Алијансата, како во усовршувањето на силите за брза реакција, така и во техничко унапредување.
На изборот на Латвија како домаќин на овој собир се гледа како на симболика за трансформацијата и опстанокот на една земја, што несомнено ја отсликува и трансформацијата и опстанокот на НАТО.