Линкови за пристапност

НАТО на самит во Рига: реформите и Авганистан на врвот на дневниот ред


Во вторник и среда во летонскиот главен град главно место според најавите ќе заземе воената и политичката трансформација на одбрамбениот сојуз, како и предизвиците во Авганистан.

Според американскиот државен потсекретар Николас Б`рнс, мисијата на НАТО во Авганистан ќе доминира на првиот самит по две години.

Во октомври, 32.000 војници на НАТО преземаа главна улога во помошта за авганистанската влада за подобрување на ситуацијата во земјата. Па сепак, насилството повторно се појави и само годинава загинаа 3.700 лица. Во меѓувреме, производството на афион и извозот на хероин станаа најголем извор на странски приход во земјата. Европските влади ја презедоа обврската да го спречат тоа, но критичарите велат дека многу не успеале.

Поранешниот амбасадор во НАТО Роберт Хантер смета дека покрај армиската компетентност на НАТО, во Авганистан е потребна и координација на цивилните програми и ресурси. Доколку ЕУ не помогне во тој контекст, вели Хантер, постои реален ризик од неуспех во Авганистан.

Политичкиот аналитичар Џулијана Смит е автор на тукушто издадената студија “Трансформирање на НАТО“. Таа вели дека овој самит е првиот од 1999-та на кој во финалното коминике нема да биде вклучена најава за проширување на Алијансата:

- Првично постоеше надеж дека Грузија и Украина ќе тргнат по патот на проширување, или дека ќе бидат вклучени земјите од Јадранската група. Сето тоа се одложи за 2008/2009-та бидејќи има извесен замор од проширувањето.

И покрај тоа, Смит очекува самитот да ја реафирмира политиката дека вратите за членство и натаму се отворени.

Според најавите, САД на самитот ќе предложат пограма со која НАТО би остварувал глобални партнерства со други земји.

XS
SM
MD
LG