Согласно традицијата, претседателот Буш синоќа симболично помилува две мисирки, обележувајќи го Денот на благодарноста, што се празнува денес.
- Ги помилував за да можат да си го живеат животот и да бидат безбедни.
Мисирката е традиционалното месо на американската трпеза за време на Денот на Благодарноста, празник започнат од прославата што европските доселеници ја организирале со домородните Американци во чест на богатата жетва по доаѓањето на новиот континент.
Секоја година, американскиот претседател за празникот им овозможува на две мисирки да спасат глава наместо да завршат на трпезата. Мисирките Флаер и Фраер помилувани годинава ќе најдат свој дом во Дизниленд, каде ќе учестуваат во Големата парада што се организира по повод празникот.
На церемонијата во Белата куќа, претседателот кажа дека празникот е време за Американците да дадат благодарност за сите нешта со кои се благословени.
- Во нашето патешествие низ вековите, од само неколку колонии па се` до просперитетна и моќна нација, Американците секогаш биле благодарни луѓе. Така е и оваа година. Благодарни сме за нашата убава земја, за богатата жетва што сите ќе не нахрани, а и голем дел од светот. Благодарни сме за слободата, за семејствата, за самиот живот.
Претседателот се заблагодари и на американските војници кои, како што кажа, се откажале од сопствената удобност и безбедност за да ја одбранат нацијата.