Линкови за пристапност

Сорен Јесен-Петерсен: Прашањето за демаркација за границата меѓу Македонија и Косово не е голем проблем 


Американскиот Институт за мир организираше дебата за извештајот – Преглед на интерниот безбедносен сектор на Косово, инициран минатата година, чија цел е комплетен пристап кон безбедносната ситуација на Косово. Учесници на расправата беа Сорен Јесен-Петерсен, поранешен специјален претставник на Генералниот секретар на ОН за Косово и Ентони Велч од Фондот за развој при ОН и актуелен координатор на извештајот. Од проектот, рекоа овие аналитичари, воедно било побарано да ги земе предвид идните безбедносни иституции за Косово и да даде предлози за нив пред да се одлучи конечниот статус. Засега, најтешка пречка за овој тим е недостатокот на овластени одбрамбени сили и разузнавачка служба, настрана од оние што ги обезбедува меѓународната заедница преку НАТО и ОН. Според истражувањата, рекоа експертите, а и според мислењето на мнозинството од населението на Косово, постои потреба од постоење на сили за одбрана и во тој контекст, Силите за заштита на Косово, што произлезе од Косовската ослободителена армија, би ја сочиниле идната косовска армија.

Во рамки на дискусијата за пограничната безбедност, побаравме коментар околу прашањето за демаркација за границата меѓу Македонија и Косово. Јесен- Петерсен беше дециден дека ова не претставува голем проблем:

- Зборував со властите во Приштина и ги уверив надлежните во Скопје дека прашањето нема да остане нерешено до времето кога ќе се донесе одлуката за конечниот статус за Косово. Воедно разговарав и со претставници на Контакт групата и на неколкупати со Марти Ахтисари и повикав прашањето да не се остави отворено.

Од друга страна, закана за обнова на насилството и натаму постои во случај на одолговлекување на решавање на статусот на Косово. Ова е Ентони Велч од Фондот за развој при ОН:

- Доколку не биде донесена одлука за статусот на Косово до 2007 година, се јавува опасност од насилство во покраината.

На ова се надоврза и Јесен-Петерсен:

- Најголемата закана за обнова на насилството е да се одолговлекува процесот за статусот на Косово. Одложувањето ќе значи дестабилизација, ќе значи поделби не само во редовите на меѓународната заедница, туку и меѓу самите етнички Срби и етнички Албанци на Косово.

Конечната верзија на извештајот за интерниот безбедносен сектор на Косово ќе биде објавена идниот месец, и, како што рекоа на трибината, тој би служел како своевидно упатство за косовската Влада, но нема да диктира решенија.

XS
SM
MD
LG