Линкови за пристапност

Конгресни избори: Демократите го освоија Претставничкиот дом, трката за Сенатот се́ уште неизвесна


Водачот на демократите во Претставничкиот дом Ненси Пелоси веќе најави дека нејзината партија ќе побара претседателот Буш да заземе нов курс во однос на војната во Ирак

На вчера одржаните конгресни избори опозиционите демократи преземаа контрола врз Претставничкиот дом, додека се́ уште е крајно неизвесно дали републиканците ќе ја задржат контролата врз Сенатот.

Според првичните резултати и проценки, и Републиканската партија и Демократската имаат по сигурни 49 места во Сенатот. Кој ќе има мнозинство во овој дом ќе ја решат се́ уште неизвесните трки за сенатски места од сојузните држави Вирџинија и Монтана. Во Вирџинија, поради мошне малата разлика меѓу кандидатите од само неколку илјади гласови, може да дојде и до пребројување.

Демократите на изборите очигледно имаа корист од - како што наведуваат анкетите - нискиот рејтинг на претседателот Буш и начинот на кој се справува со војната во Ирак. Истражувањата на национално ниво за време на предизборната кампања покажаа дека гласачите се загрижени и за економијата, имиграцијата и сексуалните и корупциски скандали во врска со членови на Конгресот.

Белата куќа доцна синоќа уважи дека демократите ќе преземат контрола врз Претставничкиот дом, најави дека претседателот Буш по повод изборите денес ќе одржи прес-конференција, како и дека се радува на соработка со демократите.

Мнозинство демократи во Претставничкиот дом, што ќе биде по првпат по 1994-та година, значи дека на негово чело ќе застане демократот Ненси Пелоси, која веќе најави дека нејзината партија ќе побара претседателот Буш да заземе нов курс во однос на војната во Ирак. Демократските лидери исто така велат дека ќе соработуваат со колегите - републиканци.

На овие избори се гласаше и за лидерската позиција гувернер во 36 сојузни држави. На гласачките ливчиња во многу држави истовремено се најде и редица други прашања – од абортусот и истополовите бракови, па се́ до медицинските истражувања на ембрионални клетки.

Гледано во целина, изборите минаа без проблеми. Според некои извештаи, во мал број области имало потешкотии во гласањето со помош на машини, како и наводен случај на заплашување на гласачите.

XS
SM
MD
LG