Линкови за пристапност

Дали изјавата на Џон Кери ќе им наштети на Демократите на конгресните избори?


Американците во вторник гласаат на конгресни избори. Многумина аналитичари велат дека тие ќе бидат референдум за учинокот на претседателот Буш и Републиканската партија. Но, токму противкандидатот на Буш на претседателските избори во 2004-та, демократскиот сенатор Џон Кери, деновиве одвлекува најголем дел од вниманието.

Републиканската партија, која има контрола и над Конгресот и над Белата куќа, ќе излезе на изборите со контроверзен учинок за сериозни прашања како Ирак, глобалното затоплување, истражувањето на ембрионални клетки, реформата на лоби-системот, социјалната заштита, здравствената, назначувањето на судии и ширењето на нуклеарното оружје. Анкетите укажуваат на незадоволство на гласачите од учинокот на републиканците што би можело да им помогне на демократите да повратат контрола врз еден или двата дома на Конгресот. Но, неодамнешната изјава на сенаторот Џон Кери пред група студенти во Калифорнија го одвлече вниманието од сите горенаведени прашања.

-Се работи за образование. Ако ја искористите можноста, учите вредно и ги пишувате домашните задачи, ако се обидете да бидете умни, тогаш ќе ви оди добро. Во спротивно, ќе заглавите во Ирак.

Републиканците веднаш го осудија Кери дека ја навредил интелигенцијата на американските сили. Сенаторот, пак, објасни дека се работи за неуспешна шега и дека мислел на претседателот и неговата политика за Ирак. Група американски војници на служба во Ирак одговорија со шега од своја страна, повикувајќи го со пано на кое намерно има грешки во пишувањето, да им помогне, бидејќи се заглавени.

Џон Кери подоцна се извини за коментарот, но истовремено го обвини претседателот Буш дека ги изложува војниците во Ирак на беспотребна опасност, а републиканците дека се обидуваат да го свртат вниманието од главните прашања.

Кери откажа настапи во кампањи на демократски кандидати за изборите, велејќи дека не сака да го одвлекува вниманието. Многуммина републикански кандидати, пак, загрижени за нискиот рејтинг на претседателот Буш, избегнуваат да се појавуваат со него во предизборната кампања.

XS
SM
MD
LG