Линкови за пристапност

Војната во Ирак и натаму доминира во предизборната кампања во САД


Според најновата анкета на весникот Вол Стрит Џурнал и тв-мрежата Ен-Би-Си, 52 процента од испитаниците се за тоа демократите да имаат контрола во Конгресот, споредено со 37-те проценти кои сакаат републиканците да останат мнозинство.

Конгресменот Харолд Форд, демократ од сојузната држава Тенеси за телевизијата Фокс изјави дека војната во Ирак е важен фактор што ќе им помогне на демократите, а ќе им наштети на републиканците.

- На гласачите им е смачено од оваа војна, смачено им е од Конгрес контролиран од републиканците кој не може да ја поправи состојбата на границите. Смачено им е од Сенатот под контрола на републиканците што дозволи и натаму да растат трошоците за здравствено осигурување.

Републиканците се обидуваат да го пренасочат вниманието од Ирак на прашањето за рекордното даночно скратување и начинот на кој претседателот Буш се справува со глобалната војна против тероризмот.

Лидерот на републиканците во Претставничкиот дом, Џон Бонер за телевизијата Еј-Би-Си изјави дека напорите на демократите изборите да ги претворат во национален референдум за Ирак, нема да успеат.

- Ова не се национални избори и сите овие големи анкети на национално ниво што ги покажуваат трендовите не значат ништо, бидејќи во суштина се работи за 435 поединечни изборни трки за конгресни места ширум земјата.

Покрај 435-те места во Претставничкиот дом, на изборите ќе се гласа и за 33 од стоте места во Сенатот и за 36 места гувернери на американските сојузни држави. Демократите треба да добијат 15 нови места во Претставничкиот дом и шест во Сенатот за да остварат контрола врз обата дома на Конгресот за прв пат од 1994-наваму.

Анкетата на Вол Стрит Џурнал и Ен-Би-Си покажува и дека 54 проценти од испитаниците не веруваат дека вредело да се поведе војна во Ирак, споредено со 37 проценти кои го тврдат спротивното.

Падот на довербата на јавноста во актуелната администрација натера некои републикански кандидати дури да го повикаат претседателот да ја промени политиката во Ирак, иако никој од нив не подджува итно повлекување на американските сили од земјата.

Претседателот Буш изјави дека бунтовниците во Ирак ги интензивирале нападите, со цел ситуацијата да влијае на изборите во САД.

- Нашите непријатели се надеваат дека приказите на насилство ќе придонесат да ги загубиме нервите и да се повлечеме пред работата да биде завршена. Тие не ги разбираат САД. Ние нема да побегнеме од хулигани и убијци.

Буш воедно го повика демократскиот сенатор Џон Кери да се извини за коментарот што го даде неделава во говор во Калифорнија. Во него тој кажа дека ќе напредувате доколку учите напорно и ги пишувате домашните задачи, во спротивно, цитираме, „ќе заглавите во Ирак“.

Буш реагираше велејќи дека изјавата претставува навреда за американските сили, повикувајќи го Кери да се извини.

Кери појасни дека неговиот коментар бил „неуспешна шега“ за претседателот Буш, а не омаловажувачки коментар за американските војници, како и дека доколку некој должи извинување, тоа е претседателот и неговите соработници за неуспешната политика за Ирак.

Сенаторот Кери ги обвини републиканците и за обид да го искористат овој коментар за да го пренасочат вниманието на гласачите од војната во Ирак. Тој за телевизијата Ем-Ес-Ен-Би-Си изјави:

- Се работи за Ирак. Тие го знаат тоа, само се обидуваат да ја променат темата.

Повеќето експерти веруваат дека токму Ирак ќе биде одлучувачкото прашање за престојните избори.

XS
SM
MD
LG