Линкови за пристапност

Ирак – Главна тема на престојните избори за Конгресот


Анкетите во САД покажуваат дека економските прашања, имиграционите реформи, и воопшто, начинот на кој управува владата, се меѓу главните прашања во однос на внатрешната политика, додека Американците се подготвуваат да гласаат за конгресните и локалните избори на 7 ноември. Домашните прашања никогаш не се далеку од срцето – далеку од умот, но годинава се чини дека токму тие теми се во задните редови, а предничат меѓународните случувања.

Позната е изреката дека Американците гласаат за нивните чековни книшки, што значи дека имаат тенденција да избираат кандидати за кои сметаат дека ќе ја промовираат и заштитат економската благосостојба. Но 2006-та може да се покаже како исклучок, според аналитичарот Карлин Бауман од Институтот Американ Ентерпрајз.

- Ирак, Ирак, и Ирак - мислам дека се́ друго на мошне далечно второ место.

Но, не смее да се заборави дека меѓународните прашања честопати допираат и до домашните прашања. На пример, договорите за меѓународна трговија неизбежно раѓаат загриженост за локалните економски потреси. Војната во Ирак не е исклучок, вели Стивен Хес, професор за јавни прашања при Универзитетот Џорџ Вашингтон.

- Војната чини пари, а парите доаѓаат од вашите сметки, така што никогаш не можете да ги сметате меѓународните случувања како војната за стопроцентно меѓународни прашања.

Анкетите покажуваат дека мнозинството Американци се понаклонети кон Демократите пред овие избори, но претседателот Буш укажува на силната економија како причина гласачите довербата повторно да им ја дадат на републиканците.

- Гласајте за републиканците. Ние имаме најдобар план да ве заштитиме. Ние ќе ги одржуваме даночните стапки на ниско ниво за да има економски раст. Луѓето се вработени. Нивото на невработеност е 4,6 проценти. Оваа економија е силна.

Од друга страна, демократскиот сенатор од сојузната држава Њујорк, Чарлс Шумер, вели дека американската јавност е незадоволна со републиканското раководство.

- Народот сака промена. Народот не е задоволен од насоката по која се движи Америка. Не се задоволни на надворешен план поради Ирак, не се задоволни и на домашен поради економскиот притисок врз средната класа.

Републиканците имаат контрола врз Белата куќа уште од 2001-ва, а и врз обата дома на Конгресот во 10 од последниве 12 години. Со еднопартиската контрола на владата, очекувано е републиканците да бидат одговорни за успесите, но и да бидат обвинувани за неуспесите. Аналитичарот Стивен Вејн од Универзитетот Џорџтаун, вели дека кога станува збор за начинот на владеење, републиканците се во дефанзивна позиција.

- Расположението во земјата не е розово. Помалку од 30 проценти од Американците ја одобруваат работата на Конгресот. Повеќето испитаници не ја одобруваат и работата на претседателот. Довербата во владата е на досега најниско ниво.

Овој аналитичар додава дека Џорџ Буш, а и републиканците воопшто, беа критикувани и за бавната реакција на ураганот Катрина во 2005-та и напорите за отстранување на последиците. Иако и кај двете партии се забележани пропусти, неодамнешната оставка на републиканскиот конгресмен Марк Фоли, кој на момчиња – помошници во Конгресот им испраќал електронски пораки со експлицитна сексуална содржина, стави црна дамка на републиканското владеење и однесување. Претседателот Буш се осврна на прашањето на неодамнешната прес-конференција:

- Важно е да постои доверба во Конгресот, во Белата куќа и во целата влада. Народот мора да им верува на избраните лидери, за демократијата да може да функционира.

XS
SM
MD
LG