Американскиот претседател тврди дека илегалната имиграција во САД е во пораст, затоа што владата со децении немала целосна контрола на јужната граница.
- Имаме одговорност да се справиме со овој предизвик, да ги спроведеме нашите закони, да ги обезбедиме нашите граници и сериозно ја земаме таа одговорност.
Буш вели дека легислативата врз која стави потпис - со што таа стана закон - ќе помогне во исполнувањето на таа одговорност преку зголемување на бројот на погранични агенти, создавање нови ограничувања за возила и зголемување на прифатниот обем во центрите за приведување на илегални имигранти.
Но, новата ограда, што е главен дел од Актот за безбедни граници, може никогаш да не биде изградена, бидејќи е одобрен само мал дел од неопходните средства. Проценките се дека оградата долга преку илјада километри ќе чини меѓу шест и осум милијарди долари. Конгресот досега има одобрено нешто повеќе од една милијарда, што треба да покрие близу една третина од американската граница со Мексико.
Претседателот смета дека дополнителното осветлување, најсовремените камери и летала со далечинско управување, предвидени со законот, ќе ја направат границата побезбедна.
- Ја модернизираме јужната граница на САД за да го увериме американскиот народ дека си ја вршиме работата во нејзино обезбедување. Со умешна употреба на физичките бариери и технологијата на 21-от век, и́ помагаме на пограничната патрола да си ја врши работата.
Плановите за нова ограда додадоа на тензиите со претседателот на Мексико кој заминува од функцијата, Висенте Фокс. Тој оградата ја нарече срамна и ја спореди со Берлинскиот ѕид.
Најголем дел од членовите на политичката партија на претседателот Буш од јужните американски држави ја величат оградата како национално безбедносно прашање. Па сепак, многумина се противат на програмата што ја предложи Буш за гости-работници, со која на постојните илегални имигранти би им се дозволило привремено да работат во САД.
Иако Републиканската партија ја блокираше таа програма во Конгресот, претседателот најави дека ќе врши натамошен притисок за нејзино усвојување по конгресните избори овој ноември. Буш вели дека не е практично да се депортираат 12-те милиони незаконски имигранти.
- Не треба да им се даде автоматска можност за добивање на државјанство. Тоа е амнестија. Јас сум против тоа. Постои рационално, средно решение меѓу автоматското добивање на државјанство за секој илегален имигрант и програмата за масовна депортација.
Имиграцијата е жешка тема во изборната трка за некои места во Конгресот.
Според анкета на кабловската ТВ мрежа Си-Ен-Ен, две третини од Американците не одобруваат како претседателот Буш се справува со имиграционите проблеми. Мнозинството Американци дури претпочитаат градење на нови огради.