Со зголемувањето на бројот на американските жртви во Ирак и одржувањето на конгресните избори за помалку од две недели, претседателот Буш се обиде да им го објасни на Американците неговиот поглед на состојбата во таа земја. Пола Волфсон од Гласот на Америка известува за прес-конференцијата во Белата Куќа на која претседателот ја подвлече определеноста за победа во ирачкиот конфликт.
Претседателот рече дека е загрижен за загубените животи и знае дека многу Американци не се задоволни со ситуацијата во Ирак: Но, не смееме да дозволиме нашето незадоволство да се претвори во разочарување околу нашата цел во оваа војна. За време на скоро едно-часовната сесија на прашања и одговори со новинарите, претседателот Буш ја опиша ситуацијата во Ирак со трезвен тон, истакнувајќи ги и напредокот и неуспесите. Тој уште еднаш подвлече дека влогот е голем и оти конфликтот во Ирак е основа за американската безбедност:
- Ако не мислев дека нашата мисија во Ирак е витална за американската безбедност, ќе ги вратев трупите дома - уште утре. Буш рече дека одредување временска рамка за повлекување, како што сугерираат многу политички опоненти, не е опција. Но, тој зборуваше за важноста од поставување начелни цели за кои ќе се тежнее да се исполнат.
Претседателот потенцираше дека има чекори кои владата на премиерот Нури ал Малики мора да ги преземе со цел да го искорени насилството и јасно да стави до знаење дека судбината на Ирак е во рацете на избраните лидери:
На крајот, останува на Ирачаните и нивната влада да донесат тешки одлуки кои се неопходни за решавање на овие проблеми.
Претходно во Багдад, премиерот Ал Малики луто ги предупреди САД да не диктираат рокови за ставање крај на насилството. Претседателот рече дека ја разбира тежината на функцијата на премиерот, и додаде дека САД ќе вршат притисок за акција, како и досега: Вршиме притисок врз ирачките лидери да преземат цврсти мерки и да ја сочуваат нивната земја. Јасно им ставивме до знаење дека трпението на Америка не е бесконечно. Исто така ги разбираме тешките предизвици со кои се соочуваат ирачките лидери и нема да вршиме поголем притисок врз ирачката влада од оној што може да го издржи. Џорџ Буш јасно стави до знање дека тактиките на Америка се менуваат одвреме на време, исто тако и тактиките на непријателот за време на војната.
Претседателот кој го користеше терминот „да се остане на курсот“ при описот на неговата политика во Ирак, овој пат акцентот го стави на флексибилноста:
- Нашата мисија е да и помогнеме на избраната влада во Ирак да ги порази заедничките непријатели, да воспостави мир и стабилност во Ирак и да ја направи нашата нација побезбедна. Нашите цели не се променети. Флексибилни сме во нашите методи за постигнување на тие цели.