Финска, Исланд, Ирска и Холандија, според годишниот извештај за почитување на слободата на печатот во светот, го делат првото место. Според истиот индекс на Репортери без граници, Македонија е рангирана на 45-то место, заедно со Србија и Црна Гора, Зеленортските Острови и Мозамбик.
Македонија бележи пад за две места на скалата, споредено со 2005. Ова е Елза Видал, раководител на Бирото за Европа и за земјите од паранешниот Советски Сојуз од Репортери без граници, со седиште во Париз:
- Тоа што Македонија се наоѓа во првата третина од рангирањето, значи дека земјата има капацитет да ја почитува слободата на јавно изразување, сепак фактот што таа сега е на 45-то место, значи и дека сме биле сведоци на одредени обиди за прекршување на слободата на печатот минатата година.
Видал појаснува дека обидите се однесуваат главно на насилство против новинари. Таа во моментот ги немаше сите податоци за поединечните случаи, но истакна дека станува збор за двајца новинари кои биле притворени и двајца кои биле нападнати и повредени. Претставникот на Репортери без граници рече дека организацијата има информации што индицираат на потешкотии во пристап до јавните и официјални информации, што понекогаш може да биде случај и во демократските земји, како Франција на пример, вели таа.
Видал оптимист за иднината на Македонија по прашањето:
- Секогаш постои простор за иден напредок во оваа насока, како и во секоја друга земја, дури и највисоко рангираните, бидејќи секогаш може да бидете на врвот една година, а следната да паднете надолу.
Во Репортери без граници сметаат дека ситуацијата во однос на слободата на печатот во Македонија зависи и од севкупната ситуација на Балканот, но дека постои надеж за напредок за целиот регион во текот на наредната година.