Кинески претставник се сретнал со севернокорејскиот претседател Ким Јонг Ил во Пјонгјанг, на разговори за меѓународната криза како резултат на нуклеарниот тест што Северна Кореја го изврши минатата недела. Следи преглед на најновите моменти од севeренокорејската нуклеарна криза и коментари на американски владини лица на оваа тема.
Портпарол на кинеското министерство за надворешни работи соопшти дека поранешниот кинески шеф на дипломатијата Танг Џиаксиан на севернокрејскиот водач му пренел директна порака од кинескиот претседател Ху Џинтао, но притоа не соопшти детали.
Медиумите под државна контрола во Пјонгјанг јавија дека двајцата имале пријателски разговор за регионални безбедносни прашања.
Во Сеул, американскиот државен секретар Кондолиза Рајс се сретна со јужнокорејски претставници со кои разговараше за начините на примена на санкциите на Советот за безбедност на ОН против Северна Кореја. Во однос на пресретнувањето на севернокорејски товарни бродови на отворено море во потрагата по опрема и материјал за производство на оружје, за да се изврши увид за тоа што влегува и излегува од Северна Кореја, Рајс рече дека намерата на САД не е кризата да ескалира. Претходно, земјите – соседи на Северна Кореја изразија загриженост поради можноста од вакво пресретнување.
Следни станици на азиската турнеја на Рајс се Пекинг и Москва, за натамошни разговори за примена на санкциите против Северна Кореја.
Претседателот Буш во интервју за ТВ-мрежата Еј-Би-Си го предупреди Пјонгјанг дека ќе се соочи со „тешки последици“ доколку достави нуклеарно оружје до Иран или пак Ал-Каида:
Ако добиеме разузнавачки информации дека планираат префрлање на нуклеарно оружје, ние ќе го запреме тоа. Ќе се справиме со бродовите или авионите што би биле вклучени во достава на материјалот во други раце.
Портпаролот на Белата куќа Тони Сноу коментира дека со евентуален нов тест на нуклеарно оружје Северна Кореја само ќе западне во подлабока изолација:
По првото тестирање, САД и Кина работат заеднички повеќе од кога и да е́ претходно. Ќе се осмелам да кажам дека би работеле уште поблиско како стратешки партнери во обидот да ја гарантираат безбедноста на корејскиот полуостров.
Американски сателитски фотографии од Северна Кореја наводно покажуваат можни подготвки за втор нуклеарен тест.