Поглаварот на Македонската православна црква, Г.Г. Стефан на почетокот од седумдневната посета на американско-канадската епархија во Вашингтон го повтори ставот на МПЦ дека нема отстапки од автокефалниот статус во дијалогот со СПЦ.
Како да се најде решение за различните позициите на МПЦ и СПЦ? Поглаварот на МПЦ, Г.Г. Стефан и во Вашингтон рече дека не постојат црковни проблеми меѓу двете цркви. Ние не решаваме догми, оцени поглаварот. Дали ние имаме народ со Црквата – и тоа не е спорно, рече Г.Г. Стефан:
- Спорни се прашањата кои произлегуваат од политички основи. Повеќедеценискиот спор меѓу двете цркви е врз основа на некакви нерешени политички долгови кон некого и некаде. На браќата архиереи во Соборот и Синодот во Српската православна црква точно треба да им е јасно дека Македонија, македонскиот народ и црква, јазик, е реалност и оти историјата не може да ја враќаме пред 1941-ва. Македонскиот народ сакаше, и денес има своја држава.
Во моментов преговорите меѓу двете цркви се во прекин. Српската православна црква ја смета македонската за расколничка и канонски непризната, и бара ослободување на расчинетиот владика Јован кого таа го признава за поглавар на автономна Охридска архиепископија во Македонија.
МПЦ со одлуката на Светиот архиерејски синод на последната седница реши да продолжат разговорите меѓу двете Цркви. Што ќе содржи писмото до српскиот партијарх Павле и има ли можност за продолжување на дијалогот:
МПЦ предлага и прифаќа да продолжат разговорите без разлика на кое ниво и во каков состав ќе продолжат да разговараат претсавниците на двете цркви. Став или стратегија на МПЦ е дека нема отстапки од автокефалниот статус на Македонската православна црква.
Ако во изминатите четири децении со сите блокади и премрежја, МПЦ успеа да формира свој свештенички кадар, организациона поставеност и поврзаност со дијаспората - атрибути кои се непходни за самостојна црква, вели Г.Г. Стефан, тогаш нема враќање од зацртаното. Тој од Вашингтон изрази надеж за евангелско, братско разбирање од СПЦ.
Поглаварот упати повик до македонските иселеници во САД за заедништво и надминување на нероразбирањата преку дијалог и мир, како што рече, на начин својствен за македонскиот народ.
Од Вашингтон, македонската црковна делегација на чело со Г.Г. Стефан замина за Колумбус, со цел да ја освети новоизградената црква на МПЦ, Успение на Пресвета Богородица, во американската сојузна држава Охајо.