Линкови за пристапност

Американскиот претседател формулираше нова политика за вселенски истражувања 


Претседателот Буш одобри нова Национална политика за вселенски истражувања што става акцент на безбедносни прашања и промовира приватни инвестиции.

Осовремената политика е против развивање на нови договори за контрола на оружјето што би можеле да го ограничат американскиот пристап до вселената и нејзината употреба и повикува на развој на вселенски капацитети за поддршка на американските одбрамбени и разузнавачки иницијативи.

Портпаролот на Белата куќа, Тони Сноу синоќа изјави дека осовременувањето на политиката не значи и нејзина промена. Идејата за користење на вселената за одбрамбени цели, подвлече Сноу, е различна од идејата за употреба на вселената за оружје.

Ова е прва целосна ревизија на политиката во последниве десет години.

Според портпаролот на Националниот совет за безбедност, Фредерик Џонс, ревизијата била потребна за да се подвлече фактот дека вселената станала уште поважен дел на американската економска, национална и домашна безбедност.

Во политиката стои дека САД се за мирољубива употреба на вселената од сите земји. Делови од документот, што не се доверливи, може да најдат на Интернет-страницата на Владината канцеларија за наука и технологија.

Критичари на владата на Буш за весникот Вашингтон Пост наведуваат дека политиката би можела да доведе до развој, тестирање па дури и инсталирање на оружја во вселената.

Аналитичарите сметаат дека владата се решила да ја осовремени политиката делумно и поради фактот што многу клучни оружани системи во моментов зависат од информациите и комуникацијата со сателитите во орбитата на Земјата.

XS
SM
MD
LG