Линкови за пристапност

САД и Јапонија заеднички ќе ги спроведуваат санкциите против Северна Кореја


Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс, која денеска во Токио се сретна со својот јапонски колега Таро Асо, кажа дека нуклеарниот тест на Северна Кореја е „неприфатлив“, но дека САД немаат намера да ја заострат кризата.

Рајс неделава ќе ги посети и Јужна Кореја, Кина и Русија во рамки на разговорите за спроведување на санкциите. Најголем дел од нив се однесуваат на спречување на трговијата со Северна Кореја со материјал од кој може да се произведе оружје. Рајс за санкциите вели:

- Наша цел е тие да се спроведат на стабилен и ефикасен начин, што би овозможил стриктна контрола на трансферите на Северна Кореја. Но, не се работи за блокада, или пак карантин. Сакаме да се договориме за детаљите. За тоа ќе разговараме во Јапонија и на други места.

Според руски претставници, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров вчера на оваа тема по телефон разговарал со Рајс.

Северна Кореја денеска соопшти дека санкциите наложени во резолуцијата на ОН се исто како и објава на војна и се закани дека ќе ќе упати, цитираме, „безмилосен удар“ на оние кои ќе го повредат нејзиниот суверенитет.

Владата на Јужна кореја ги поздрави санкциите, но најави дека ќе продолжи со работата на два инфраструктурни проекта во Северна Кореја.

Кинескиот државен советник Танг Џиаксиан вчера наводно престојувал во Северна Кореја, на разговори за нуклеарниот спор.

Американски шпионски сателити откриле движења на возила во Северна Кореја, што може да сигнализира подготовка за уште една нуклеарна проба, велат американски претставници.

XS
SM
MD
LG