Процесот на проширување на ЕУ ќе биде забавен, но нема да прекине приемот на нови членки, смета директорот на проектот „Нови европски демократии“ при Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон, Јануш Бугајски.
Проблемите околу прифаќањето на евро-уставот иако го кочат, нема да бидат толку пресудни за проширувањето, смета Бугајски:
- Лично сметам дека ќе има доцнење во процесот, но нема да запре.
Бугајски смета дека секоја земја-претседавач со Унијата за време на својот шестмесечен период ќе има своја агенда, но дека најверојатно, повеќето од нив ќе дојдат до заклучок дека е добра идеја да се внесат аспирантите во ЕУ и да се стабилизираат, отколку да се држат настрана.
Тој ја исклучи можноста на претстојниот самит на ЕУ во декември да биде определен датум за почеток на преговори со Македонија.
- Мислам дека пораката за Македонија, Албанија и другите земји е дека треба да си ги завршат домашните задачи и да и́ докажат на ЕУ дека се добри кандидати. Проблемот со Бугарија и Романија е дека прифатија да станат дел од ЕУ до 2007-ма, а одолговлекоа со голем број на клучните реформи. Од суштинско значење Македонија, Албанија и Хрватска да докажат дека се сериозни во што е можно поскоро имплементирање на реформите.
Бугајски оцени дека Македонија и Хрватска нема да ја платат цената за преуранетото членство на Романија и Бугарија во ЕУ, но дека ќе бидат построго оценувани за начинот на кој ги спроведуваат реформите.
- Нема да има групен прием за аспирантите, туку зависно од заслугите на секоја земја одделно.
Поднесувањето на предлог-законот за проширување на НАТО за прием на Македонија, Албанија, Хрватска и Грузија во американскиот Сенат, за аналитичарот Бугајски е силна поддршка од САД - како меѓу актуелната администрација, така и меѓу конгресмените и сенаторите:
- Тие ја уважија улогата на Македонија, а и на другите земји, во помошта на САД во надворешно-безбедносна политика. Има определеност од актуелната администрација да ги внесе потенцијалните кандидати во разумен рок.
Во Рига ќе нема покани за членство затоа што тоа не е Самит за проширување. Сметам дека Македонија ќе биде спомената како дел од следните сет земји кои ќе влезат во НАТО, истакна аналитичарот од Центарот за стратегиски и меѓународни студии во Вашингтон
- Моја проценка е дека на Самитот на НАТО во 2008-ма ќе бидат упатени формални покани за членство на Македонија, Хрватска и Албанија, земјите од Јадранската група.“, заклучи Бугајски.