Линкови за пристапност

САД потврдија дека Северна Кореја минатата недела извела нуклеарна проба


Во соопштение на директорот на Националното разузнавање се наведува дека радиоактивниот материјал откриен во воздушните честички минатата среда потврдува дека се случила нуклеарна експлозија со јачина помала од еден килотон.

Информацијата доаѓа во време кога американски и јапонски претставници на средба во Токио најавија дека ќе ги спроведат санкциите против Северна Кореја што Советот за безбедност на ОН ги одобри во саботата. Претставници на обете земји на шестраните разговори за укинување на севернокорејската нуклеарна програма рекоа дека се надеваат на нивна обнова со враќање на Пјонгјанг на преговарачката маса.

Aмериканскиот државен секретар Кондолиза Рајс за таа цел се подготвува утре да ги посети соседите на Северна Кореја. На вчерашната прес-конференција во Стејт департментот таа кажа дека планира да се сретне со јапонски, јужнокорејски и кинески претставници и да разговара за координирана инспекција на сите карго пратки што влегуваат и излегуваат од Северна Кореја.

Главниот американски преговарач, помошникот државен секретар Кристофер Хил, кој веќе се наоѓа во Токио, вчера изјави.

„Сакаме оваа резолуција на Советот за безбедност да биде ефикасна и Северна Кореја да ги спроведе обврските според заедничкиот договор.“

На последната рунда на шестсраните разговори во септември 2005-та, Северна Кореја се согласи да се откаже од својата нуклеарна програма во замена за економски отстапки и безбедносни гаранции.

Австралискиот министер за надворешни работи Александар Даунер соопшти дека неговата земја забранила пристап на сите севернокорејски бродови до австралиските пристаништа, што е дури и чекор подалеку од одредбата на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, што повикуваа на проверка на сите карго пратки што влегуваат и излегуваат од Северна Кореја.

Кина, пак, најави дека иако ќе ги проверува карго пратките од Северна Кореја за забрането оружје, нејзините сили сепак нема да запираат и да вршат проверка на севернокорејски бродови на отворено море.

XS
SM
MD
LG