Кинескиот амбасадор во ОН смета дека Северна Кореја мора да се соочи со, цитираме, одредени казнени мерки, за наводниот тест на нуклеарна бомба.
Амбасадорот Ванг Гуангуа изјави дека поддржува конструктивен, соодветен, но внимателен одговор на најновите акции на Северна Кореја, во кој ќе бидат вклучени и одредени казнени мерки.
Советот за безбедност и Јапонија дискутираат по предлогот на САД за воведување на целосно ембарго за увоз на оружје спрема Северна Кореја, за забрана за увоз на луксузни производи, меѓународни инспекции на карго пратките и воведување на финансиски санкции.
Американскиот амбасадор во ОН, Џон Болтон соопшти дека постои цврст став за брзо постигнување на согласност околу одговорот на акцијата на Северна Кореја.
Амбасадорот на САД во Јужна Кореја Александар Вершбоу истакна дека наводниот тест на нуклеарно оружје од страна на Северна Кореја, придонесува за уште помали шанси за евентуални директни разговори меѓу Пјонгјанг и Вашингтон.
- Со месеци испраќавме јасни пораки дека сме подготвени за билатерални разговори со Севернокорејците, но во рамки на шестраните разговори. Што ќе се случува понатаму, по настаните од понеделникот, е друго прашање.
Јапонија вели дека дека се обидува од Советот за безбедност на ОН да издејствува брзо воведување на санкции спрема Северна Кореја. Јапонскиот премиер, Шинзо Абе зборуваше за веројатноста неговата влада унилатерално да реагира. Тој вели дека Јапонија ќе преземе брзи и остри мерки, независно од ОН, но и натаму се разговара за нивната содржина.
Иако Јапонија нема воспоставено дипломатски односи со Северна Кореја, трговската размена меѓу двете земји се оценува дека вреди околу 200 милиони долари годишно.
Во меѓувреме, научниците се уште не се во можност да го потврдат тврдењето на Северна Кореја дека во понеделникот ја детонирала нуклеарната направа. Сеизмичките и сателитските податоци покажуваат дека експлозијата била со мошне слаб интензитет, што наведува на веројатноста дека тестот бил или неуспешен или делумно успешен.
Јапонија вели дека тестира честички во воздухот близу Северна Кореја, за можно присуство на радиоактивен материјал. Портпаролот на Белата куќа, Тони Сноу подвлече дека да се дојде до поконретни докази за наводниот тест е мошне тешко и дека САД можно е никогаш да не дознаат што точно се случило.