Линкови за пристапност

Прибе: „Засега не е можно да се даде прецизен датум за отпочнување на преговорите на Македонија за пристап кон Унијата„ 


Треба уште многу да се стори на патот кон реформите и клучно е што во таа насока тесно соработуваме со новата влада“ – порачува Реинхард Прибе, директор за Западен Балкан во Европската Комисија на маргините на дводневната конференција во организација на Центарот за стратегиски и меѓународни студии во Вашингтон.

Завршниот дел на конференцијата беше заокружување на досега постигнатото во земјите аспиранти за членство во ЕУ и дефинирање на целите за наредниот период. Го запрашавме директорот за Западен Балкан во Европската Комиисја, Реинхард Прибе, какви според него се шансите на Македонија за европска интеграција.

„Засега не е можно да се даде прецизен датум за отпочнување на преговорите на Македонија за пристап кон Унијата. Тесно соработуваме со македонската влада и наредниот месец ќе објавиме нов извештај за досегашниот напредок во процесот на реформи во кој јасно ќе посочиме во кои области ќе треба дополнително да се работи за исполнување на условите.“

На прашањето како гледа на веќе спроведените реформи, Прибе беше категоричен -

„Секогаш сметаме дека може уште многу да се постигне. На Македонија и претстои уште многу работа. Очигледно е дека земја како оваа, секогаш треба да се осврне на својот капацитет за имплементација. Тоа е мала земја, со мала администрација, а пред себе има голема агенда на ЕУ, така што ова секогаш е важно прашање.“

Обраќајќи се на учесниците на конференцијата, овој претставник на ЕУ говореше и за потребата од зајакнување на регионаланата соработка, на решавање на многуте отворени уставни прашања на земјите аспиранти за членство, потребата од реформи во судството и изнаоѓање начини за сузбивање на корупцијата како еден од начините за привлекување на странски инвестиции. Тој кажа дека останува потребата во регионот да биде инволвирана пошироката меѓународна заедница, особено додека не биде решено прашањето со статусот на Косово. Прибе смета дека брзо решение на косовскиот статус е од интерес за регионот.

Издвојувајќи ја Хрватска, како најблиска до вратата на за влез во ЕУ, Прибе кажа дека Унијата се надева оти оваа земја ќе биде подготвена за членство до крајот на деценијава.

XS
SM
MD
LG