САД сметаат дека за земјите-потписнички на Јадранската повелба - Македонија, Хрватска и Албанија - е битно да бидат подготвени за влез во НАТО кога Алијансата ќе биде подготвена за проширување.
Предложениот закон за проширувањето на НАТО од неколку американски конгресмени за Стејт департментот е јасна поддршка за членството во НАТО на земјите од Јадранската група. Прашање е на време, но и од земјите поединечно зависи кога ќе бидат примени, вели Хох:
- Наша надеж е дека сите ќе бидат подготвени да влезат во тој рок. Со сите одделно работиме на специфични обврски што треба да ги исполнат. Последниот предлог до нашиот Конгрес е дека се работи за битно политичко соопштение, на што ќе се потпира извршната власт при донесувањето одлуки. Мошне е битно аспирантите да бидат подготвени за влез во НАТО кога Алијансата ќе биде подготвена да ги прими.
Хох потенцираше дека во моментов во Вашингтон има позитивна клима за идно проширување на НАТО и тоа треба да се искористи. Не сакаше да прогнозира за исходот од претстојниот самит во Рига.
Во однос на проширувањето на ЕУ, пак, дипломатот од Стејт департментот смета дека не станува збор за некаков застој:
- Мислам дека проширувањето на ЕУ и членството за земјите од Југоисточна Европа е мошне битно и за нив, и за Унијата. Не мислам дека вратата за проширување е затворена. Се́ што слушнав е обратно. Земјите аспиранти се движат кон членство, и тоа е најважно. Некои побавно, некои побрзо, оцени Хох.
Тој го повтори ставот дека демаркацијата на македонско-косовската граница е техничка работа:
- Прашањето со демаркацијата на границата е нешто за што очекуваме и се надеваме дека ќе се најде решение во конечниот статус на Косово. Тоа е техничко прашање, а не политичко. Луѓето не треба да се фокусират толку на тоа прашање, што на пат да се реши. Потребно е вртење на вниманието за работи кои се поважни и за Македонија и за Косово, порачува Хох.